Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во услови на веќе донесена удедба за прогласување кризна состојба во однос на снабдувањето со електрична енергија, последните прекини на струја во повеќе скопски населби го вклучија алармот кај граѓаните. Од ЕВН уверуваат дека се работи за дефект на 110-киловолтна трафостаница, кој брзо треба да биде отстранет

Граѓаните во недоумица

Жители од неколку скопски населби два дена едноподруго се соочуваат со прекини во снабдувањето со електрична енергија, поради што се обратија до нашиот медиум, прашувајќи дали прекините се резултат на недостигот од енергија и дали веќе започнале најавените рестрикции на струја. Во интерес на јавноста, нашиот весник побара одговори од надлежните, откако вчера голем дел од градот Скопје остана без електрична енергија.
Како што информираат од ЕВН, станува збор за дефект на 110-киловолтна трафостаница, поради што големи делови на скопските населби Карпош, Влае, Тафталиџе, Ѓорче Петров и Центар останале без струја.
– Eкипи на ЕВН се упатени на терен за отстранување на дефектот, има дефект на 110-киловолтната трафостаница Запад. Во меѓувреме, потрошувачите се префрлаат на други алтернативни извори за напојување – информираа од ЕВН.
Во меѓувреме, деновиве беше донесена уредба за прогласување кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, но во неа не се предвидени посебни ставки за рестрикции на енергија кај домаќинствата.

Уредбата предвидува исклучување светлечки реклами, намалување до сигурносен обем на осветлението на улиците, плоштадите, ограничување на осветлувањето на излозите до сигурносен минимум и забрана за употреба на електрична енергија за дополнително загревање деловни и службени простории. Со неа се утврдуваат пет степени на ограничувања во зависност од недостигот од електрична енергија. Првиот степен се применува ако недостигот од електрична енергија изнесува од 5 до 10 проценти од количествата енергија во согласност со енергетскиот биланс на Македонија за тековната година, а најстрогиот, петтиот степен е за ограничување ако недостигот изнесува над 40 проценти од билансираните количества. Сепак, токму постојаните предупредувања за енергетска криза и порастот на цените на енергентите ги подгреваат и стравовите на граѓаните од најлошото сценарио, односно рестрикции и прекин на снабдувањето со електрична енергија. Од тие причини дознаваме дека деновиве кај граѓаните и малите фирми нагло е зголемена и побарувачката на генератори за струја, кои би се активирале во случај на прекин на струја. Е.Р.