На презентацијата на истражувањето за бизнис-климата беше истакнато дека нивото на задоволство на компаниите од бизнис-регулативата сѐ уште остава простор за значително подобрување, иако веќе се слуша гласот на бизнисот при носењето на законите и намалувањето на изречените казни

Намалување на сивата економија и корупцијата, воспоставување еднакви правила на игра, ефикасен судски систем и спроведување на договорите, стабилизирање на макроекономското опкружување, транспарентен и предвидлив даночен систем, ефикасна даночна администрација – сето тоа, според анкетираните компании, се приоритетни реформи што треба да обезбедат подобра бизнис-клима во Македонија и е содржано во истражувањето што трета година се спроведува преку проектот на УСАИД, „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“.

На презентацијата на истражувањето беше истакнато дека нивото на задоволство на компаниите од бизнис-регулативата сѐ уште остава простор за значително подобрување, иако веќе се слуша гласот на бизнисот при носењето на законите и намалувањето на изречените казни на чија сметка се почести опомените.

Според истражувањето, минатата година 43 отсто од фирмите биле вклучени во носењето на бизнис-регулативата, наспроти 28 отсто во 2016 година. Најчесто им биле вршени инспекциски надзори од Управата за јавни приходи, по што следуваат Државниот инспекторат за труд и Пазарниот инспекторат, а на половина од фирмите при инспекциите им биле изречени опомени. Приближно 70 отсто од големите и средните компании рекле дека го зголемиле бројот на вработени, а од микро и од малите фирми зголемување на бројот на вработени има кај 31, односно 54 отсто.
Околу 62 отсто од компаниите сметаат дека државата недоволно го поддржува бизнисот преку регулативата, 21 отсто се задоволни од таквата поддршка, 14 отсто рекле дека изостанува, а три отсто дале одлична оцена.

– Над 50 отсто од компаниите сметаат дека информираноста за регулативата треба да се подобри. Ова особено се однесува на микро и малите претпријатија, кои се 90 отсто од вкупниот број, најмногу поради нивните ограничени капацитети во следење на промените – нагласува Љубомир Димовски, директор на проектот на УСАИД.
Како што истакна Дритон Исени, извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, анализата покажува позитивен тренд во размислувањата на компаниите во однос на регулативата, пристапот до информации, како и во значењето на коморите за нејзино подобрување.

– Сметаме дека треба да се направат поголеми напори за подобрување на регулативата како резултат на поголемиот слух за предлозите на приватниот сектор. Оваа година очекувањата се големи, платформата за јавно-приватен дијалог функционира со полн капацитет и само треба да се забрза темпото. Владата ја назначи годината како економска и, паралелно со процесот за зачленување во НАТО и пристапните преговори со ЕУ, овој факт ќе ги мотивира претприемачите да ги забрзаат нивните инвестициски планови и да имаме подобар економски пораст и развој – напомена Исени.

Гречен Биркл, вршител на должноста претставник на канцеларијата на УСАИД во Македонија, посочи дека преку Комисијата за јавно-приватен дијалог во декември лани коморите доставиле 38 препораки за подобрување на регулативата во градежништвото и урбанистичкото планирање, јавните набавки, туризмот, управувањето со отпадот…

– Препораките за политиките доставени од страна на коморите се очекува да ја подобрат бизнис-климата во Македонија и ќе осигурат дека бизнисите може да растат, да создаваат нови работни места и да придонесат за економскиот развој на Македонија – вели Биркл.

Тој наведе и дека новиот закон за практикантство и за инспекциските надзори подготвени врз основа на укажувања од бизнис-заедницата се само дел од законите со кои се покажало дека, кога јавниот сектор е отворен за препораките од бизнисот, тогаш регулаторната средина станува поголема поддршка на приватниот сектор, а краен резултат е поголем економски пораст.