Мора да се вложува со истражувања и развој за да се искористат потенцијалите на македонското стопанство, порача претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, при учеството на 13. меѓународен симпозиум за корпоративно управување „Дигитална економија – двигател на економскиот раст“, што се одржа во Босна и Херцеговина.

Азески се обрати на панелот посветен на прашањата за инвестициските политики на земјите во развојот на дигиталната ера, со презентација на моделите и стратегиите за забрзан развој на малите земји преку примерот на Македонија.

Дискусијата се фокусира на прашањата за институционалната политика на земјите во развој во процесот на дигиталната ера, во услови кога економскиот пораст и развој на една земја најмногу зависат од пазарната ефикасност, технолошката опременост, високото образование и обуката на вработените.

– Македонија треба итно да ја зајакне основата на својата индустрија со цел да се овозможи одржлив пораст на вкупната економија, создавање повисоки вредности на економските активности, а својата иднина треба да ја гради врз ефикасноста на технолошката опременост и пазарната ефикасност, за што главен предуслов се инвестициите – истакна Азески.

Тој напомена дека успешноста во справувањето со предизвиците во остварувањето на развојните проекции и искористувањето на потенцијалните можности на македонското стопанство, во значаен дел, зависат од вложувањата во истражувањето и развојот, како и од примената на иновациите и новите технологии.

Во Македонија, наведе Азески, постојат повеќе иницијативи што во моментов се реализираат и кои имаат цел да ги поддржат бизнисите во остварувањето забрзан технолошки развој и воведување иновации. Целта на таквата поддршка е создавање нови работни места, економски пораст и развој, како и подобрување на бизнис-климата преку развој на конкурентските способности на компаниите.

– Стопанската комора на Македонија и понатаму активно ќе биде вклучена во имплементирање на современите технолошки решенија, следејќи ги глобалните трендови, од една страна, но и барањата и потребите на компаниите, од друга страна – истакна Азески. Е.Р.