Изминатиов период се евидентирани големи загуби и пад на економиите речиси во сите сектори. Потребата од квалитетен кадар што одговара на потребите на бизнисот и натаму е проблем, поради што треба да се преземаат заеднички активности. Соработката со владите мора да продолжи, а неопходно е и елиминирање на бариерите за водење бизнис во регионот преку преземање нови и продолжување на почнатите иницијативи, порача Асоцијацијата на балканските комори (АБК) од генералното собрание. Со собранието, кое се одржа онлајн, претседаваше Бугарската трговско-индустриска комора, а во фокусот на дебатата беа поддршката на компаниите, новите услуги што ги креираат коморите и регионалната соработка.
Коморите од Западен Балкан се согласија дека преку процесот на дигитализација треба да покажат дека се лидери во следење на светските и европските текови и своите активности да ги насочуваат во тој правец, со оглед на условите во кои се работи.
– Неопходно е и целосно свртување кон компаниите, нудење постојано нови услуги што произлегуваат од нивните барања и потреби, а се насочени кон зголемување на нивната конкурентност. Регионалната соработка треба да продолжи и да се интензивира. Сите комори од АБК треба да ја насочат енергијата кон учество во заеднички проекти што ќе имаат бенефиции за секоја економија посебно, но и за целиот регион – стои во заклучоците на АБК.
На генералното собрание учесник од Стопанската комора на Северна Македонија беше потпретседателката и проектна менаџерка за развој на новите совети Јелисавета Георгиева-Јовевска. Таа се осврна на сѐ што Комората презеде изминатиов период за поголема помош и поддршка на компаниите за совладување на предизвиците од корона-пандемијата.
Георгиева-Јовевска информира за формираниот Кризен штаб, ја апострофира трансформацијата на Комората преку формирањето на четирите совети, но се осврна и на новите услуги за фирмите.
– Во завршна фаза е измената на Законот за царинска тарифа со која ќе се услови намалување на увозните давачки за суровини и репроматеријали (усогласување на нивото на стапки во ЕУ). За извозно ориентираните компании, кои реално и сега и во иднина ќе ја држат нашата економија на нозе, оваа мерка е силна поддршка, која значително ќе влијае на зајакнување на конкурентноста на домашните производи и можност за нивно поголемо присуство на странските пазари – вели Георгиева-Јовевска.
Таа додаде дека се работи и на намалување или укинување на дел од парафискалните давачки како предвидена мерка, што е повеќегодишно барање на Комората.
– Се спроведуваат серија активности за оваа цел, од промена на законската и подзаконска регулатива, која е поврзана со неданочните и парафискалните давачки, неможност да се воведе ниту една дополнителна давачка без согласност од Министерството за финансии или мислење доколку се работи за одлуки што ги носи Владата, до воспоставување регистар на неданочни давачки преку кој ќе се донесат соодветни решенија за оправданоста и целисходноста од постоење и воведување одредени надоместоци и давачки што не остваруваат значаен фискален приход, а претставуваат значаен трошок за компаниите – наведе потпретседателката.
Приоритет, според неа, им се даде и на мерките за поддршка на инвестициските активности на компаниите во насока на унапредување на нивната продуктивност и конкурентност, со проширување на програмите за поддршка за инвестициските циклуси на домашните фирми преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Законот за стратегиски инвестиции, но и со барање засилено да се применува концептот на јавно-приватно партнерство, особено во областа на енергетиката, инфраструктурата, екологијата, здравството и образованието.
– Во насока на одржување на ликвидноста на компаниите, особено за оние од секторите што беа посериозно засегнати од кризата, преку Развојната банка се применија и мерки за обезбедување државна кредитна и државна царинска гаранција. Покрај другите мерки, ние како Комора заедно со Царинската управа и другите надлежни институции постојано се заложуваме за што поефикасен проток на стоки преку ослободување на коридорите за снабдување со репроматеријали за непречено работење за нашите компании – истакна Георгиева-Јовевска.