Институционалниот капацитет на една национална економија претставува доминантен фактор за нејзиното функционирање Фото: Игор Бансколиев

Според многуте оцени за актуелната економска ситуација во земјава од релевантни домашни и странски експерти, се заклучува дека со сегашниот економски пораст Македонија може да обезбеди само опстанок, но за забележителен просперитет, а уште повеќе и за динамизиран пораст и одржлив развој, сепак се потребни нови предизвици и сериозни плански активности. За тоа пак, како што се истакнуваа, клучната улога ја има јавната администрација

Реформирањето на јавната администрација треба да биде една од стратегиските насоки за развојните перспективи и излезни решенија за македонската економија. Според многуте оцени за актуелната економска ситуација во земјава од релевантни домашни и странски експерти, се заклучува дека со сегашниот економски пораст Македонија може да обезбеди само опстанок, но за забележителен просперитет, а уште повеќе и за динамизиран пораст и одржлив развој, сепак се потребни нови предизвици и сериозни плански активности. За тоа пак, како што се истакнува, јавната администрација треба да биде професионална, ослободена од политика, ефикасна и насочена кон развој на земјата и сервисирањето на граѓаните и на стопанството.

Според Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, институционалниот капацитет на една национална економија претставува доминантен фактор за нејзиното функционирање, особено во т.н. функционална пазарна економија.

– Не е случајно што во сите извештаи на Европската комисија, Светската банка или, пак, други меѓународни институции, на ова се обрнува посебно внимание. Функционалноста на администрацијата, од регулирањето до реализацијата и надзорот, претставува фундаментален услов за успешен бизнис и економија. Ние сѐ уште сме предалеку од функционална пазарна економија. Се чека со години на одредени согласности само поради нефункционалното и некоординирано постапување на институциите – објаснува Беџети.

Како што додава тој, проблемот не е во укажувањето на бизнисот туку во дејствувањето и сѐ додека нема разрешувања и одговорност за ваквите состојби, нема да биде подобро.
– Самата бирократија има инсталирано т.н. автоматски регулатор за деструктивно однесување, за да ја оправдува својата потреба за егзистирање. Ова е работа со која врвот на институциите треба да се занимава и едноставно на една специјална седница да разреши десетина „бирократи“ што ги закочуваат сите овие работи, па ќе видиме како ќе проработи тркалото – појаснува Беџети.
Од стопанските комори очекуваат јавната администрација конечно да биде професионална, ослободена од политика, ефикасна и функционална и да работи за развој на економијата во земјата.

– Мора да се направат храбри реформи кај администрацијата. Таа е ‘рбетниот столб за која било реформа. Ако една земја нема едуцирана, способна, професионална, соодветно платена и меритократски избрана администрација, тогаш реформите остануваат на хартија, нема кој да ги имплементира. Патем, администрацијата не е пуст остров, сама за себе, таа е сервис за граѓаните и на бизнис-секторот. За да биде тоа така, потребни се реформи во таа област и тие се тешки, но алтернатива нема – вели Зоран Јовановски, главен советник на управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања.

Како што нагласи тој, ако се направи сето ова, ќе биде подобро за сите. Ќе биде подобро за бизнис-секторот, тој повеќе ќе инвестира и ќе отвора нови работни места.
– Економијата ќе ја поставиме на здрава и стабилна основа и ќе се движиме напред. Со поголема брзина – смета Јовановски.

Според Дарко Лазаров, професор на економскиот факултет на универзитетот „Гоце Делчев“, потребно е да се работи на менување на менталитетот на бизнис-секторот, зајакнување на институционалните капацитети на државата и реформирање на јавната администрација.

– Реформирањето на јавната администрација треба да биде на сите нивоа, од највисоко до најниско, во насока на специјализација, деполитизација, усовршување, надградување и дигитализација, за да стане вистински сервис на бизнисот. Потребно е политиката да се тргне од бизнисот, да се зајакнат капацитети на правните, политичките и економските институции и, конечно, бизнисот да си го заземе своето место како моторна сила и двигател на економијата – истакна Лазаров.

[email protected]