Министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за животна средина и енергија на Грција, Костас Скрекас, денеска во Атина го потпишаа Договорот за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција-Македонија.

На потпишувањето на договорот присуствуваа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, извршниот директор на „Национални енергетски ресурси“ АД Скопје, Бајрам Реџепи, како и амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат.

Како што информираат од владината прес-служба, со потпишувањето на овој Договор се гарантира намерата на владите на двете земји да ја прошират постоечката соработка во енергетскиот сектор, со цел да ја зајакнат соработката во секторот за гас преку промовирање на интерконекцијата на нивните гасни системи.

Изградбата на интерконекторот има за цел да ги зајакне односите помеѓу Македонија и Грција и Европската Унија, да ја олесни трговијата со природен гас помеѓу двете земји, како и да овозможи и понатамошен развој на мрежата за пренос на гас во нашата држава.

– Ова е голем чекор напред кон подобрување на енергетската инфраструктура на нашата држава и тоа ќе придонесе за диверзификација во снабдувањето со природен гас, а секако и во стабилноста во снабдувањето со природен гас. Ова е многу важно не само за односите меѓу двете држави кои секојдневно се подобруваат, ова е важно посебно за економијата во нашата држава имајќи во предвид дека ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании, ќе бидат намалени цените во делот на природниот гас, а секако ќе ни даде и дополнителна можност за тоа да го продолжиме и кај нашите северни соседи како што се Косово и Србија – кажа министерот Бектеши по потпишувањето на Договорот.

Грчкиот министер за животна средина и енергија Костас Скрекас кажа дека со договорот се надградува геополитичката улога на Грција.

– Потпишавме меѓувладин договор за изградба на гасовод за природен гас што ќе почнува од Неа Месимврија и ќе завршува во Гевгелија и на овој начин постигнуваме две работи. Прво, ја надградуваме геополитичката улога на Грција, со оглед на тоа дека уште повеќе ја зајакнуваме нејзината улога како енергетски крстопат, што од нашиот национален систем ќе пренесува природен гас во Северна Македонија и од друга страна на нашиот северен сосед му даваме можност да може да го намали влијанието врз животната средина, да ја постигне енергетската транзиција и постепено, да ги замени со природен гас позагадувачките облици на искористување на производството на електрична енергија и така, ова да придонесе и во општата европска визија, Европа да биде прв, климатски неутрален континент до 2050 – кажа министерот за животна средина и енергија на Грција, Костас Скрекас.

Вкупната вредност на овој проект изнесува околу 100 милиони евра. Од овие средства инвестицијата на Македонија изнесува 54 милиони евра.

Во наредниот период следи потпишување на Договор за соработка помеѓу „Национални енергетски ресурси“ АД Скопје и Грчкиот национален оператор на гас ДЕСФА со којшто двете страни ќе гарантираат за изградбата на интерконекторот помеѓу двете држави.