Градоначалници од 11 општини и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, потпишаа договори за реализација на капитални инфраструктурни проекти преку Програмата за рурален развој. На настанот присуствуваа и заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.

Анѓушев истакна дека ова се само некои од над 200 проекти, кои сите 80 општини и плански региони ќе ги реализираат оваа година преку Програмата за рурален развој.

– Станува збор за една многу важна програма со која се подобрува квалитетот на животот и се овозможуваат обновата и развојот на руралните средини, а воедно се зачувуваат и унапредуваат традиционалните вредности. Оваа година имаме рекордни 38 милиони евра за Програмата за рурален развој за да обезбедиме рамномерен регионален развој и сите места во државата да го подигнат квалитетот на живот. Со реализација на овие договори ќе се решаваат предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, со изградба и рехабилитација на патишта, водоводни и канализациски системи, организација на пазари и откупни места во руралните места – потенцира вицепремиерот Анѓушев.

Министерот Димковски нагласи дека е ставен силен фокус на реализација на трите мерки од Програмата за рурален развој бидејќи нивната реализација значи севкупен развој на инфраструктурата во Република Северна Македонија. Тој појасни дека по потпишувањето на договорите со АФПЗРР, општините имаат можност да користат 20 отсто аванс од предвидените средства за проектите.

– Овие средства општините ќе ги инвестираат во капитални инвестиции за подобрување, пред сè, на локалните патишта во руралните средини, инвестиции во канализациска инфраструктура, партерно уредување во руралните средини, изградба и реконструкција на мостови, за развој на одредени туристички точки кои може да бидат интересни како за домашните така и за странските туристи – дополни Димковски.

Директорот на Платежната агенција, Бабовски, појасни дека вкупната вредност на договорите што се потпишани е речиси 1,5 милион евра за реализација на капитални инвестиции во Македонски Брод, Новаци, Сопиште, Берово, Виница, Чешиново – Облешево, Велес, Крушево, Пласница, Дебар и во Кратово.

– Доколку сè ви е подготвено, технички веќе од овој момент можете да почнете со градба на проектите за кои денеска потпишавте договори. Како ќе се потпишуваат договорите за другите мерки за кои имате конкурирано и се одобрени како проекти, така ќе може да влезете во инвестиции и нивна реализација. Радува фактот што покажавте голем интерес за искористување средства преку овие мерки и некои од општините аплицираа и добија поддршка за еден, некој по два или три проекти – потенцира директорот Бабовски.