Фото: Дарко Андоновски

Македонците во првото полугодие од годинава потрошиле 63 милиони евра за онлајн-купување, што претставува пораст во однос на истиот период лани, но, сепак, сѐ уште заостанува во однос на процентот на онлајн-купувачи во европски рамки

Македонија е земја што има огромен потенцијал и потреба за развој на е-трговијата, а начинот на кој може да се постигне тоа е со дејствување на сите засегнати страни. Иако како држава има одлична подготовка за е-трговија на хартија, сепак во практиката е на претпоследно место од сите европски држави, со само 20 отсто онлајн-купувачи. Сето ова беше истакнато на вчерашната прва конференција за е-трговија во Македонија, на која учествува околу 370 претставници од компании, банки, организации, владини институции и факултети, а имаше учесници и од десет земји.

Статистичките податоци од Народната банка на Република Македонија покажуваат дека Македонците во првото полугодие од годинава потрошиле 63 милиони евра за онлајн-купување, што претставува пораст во однос на истиот период лани, но, сепак, сѐ уште заостануваме во однос на процентот на онлајн-купувачи во европски рамки.
– Ако споредиме со првото полугодие од минатата година, имаме пораст од 20 отсто, но она што нѐ радува е тоа дека порастот кон домашните трговци е поголем отколку кон странските. Тоа значи дека Македонците потрошиле повеќе пари на домашни купувања, со што се менува трендот, односно структурата на купување е 65 отсто кон странски компании наспроти лани, кога имало 70 проценти кон странски компании – истакна Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и коосновачка и директорка на „Групер“.

Таа додаде дека е-трговијата може да биде клучен двигател за економски пораст, нови работни места и зголемување на продуктивноста.
– Нашата мисија за оваа конференција е да ја издигнеме свеста, да споделиме знаење и да се справиме со предизвиците што стојат на патот на е-трговијата во Македонија – нагласува Ангеловска.

Според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, мора да се работи на тоа граѓаните да бидат сигурни дека нивните лични податоци ќе бидат заштитени при онлајн-купувањето.
– Она што е за нас и на кое треба да работиме е граѓаните да бидат сигурни дека нивните лични податоци се безбедни и од аспект на законите, но и од аспект на компаниите што ги нудат овие услуги. Во таа насока ја усвоивме новата стратегија за сајбер-безбедност и го имаме подготвено акцискиот план за сајбер-безбедност, кој мора да биде спроведен и од страна на институциите и од страна на бизнис-секторот. Со еден збор, Македонија оди кон дигитализација и првите видливи резултати што ќе бидат достапни на почетокот на 2019 година, преку регистарот и новиот национален портал за електронски услуги – објаснува Манчевски.

Од Фондот за иновации и технолошки развој велат дека веќе има проекти што ги финансираат, а во своето портфолио предвидуваат нови начини како нивните производи и услуги да стигнат до крајните потрошувачи.
– Поддршката во делот на иновациите, можеби со посебен фокус на е-трговијата, ќе продолжи и наредната година. Веќе сме во подготовка на нови јавни повици и вкупниот обем на проектот за 2019 година, според среднорочниот план за работа на Фондот за иновации, е околу 12,5 милиони евра – изјави директорот на фондот, Јован Деспотовски.