Работни групи од производителите на пролетна зелка и откупувачите заедно ќе продолжат да работат околу нивелирањето на откупните цени и нема да се дозволуваат нагли падови. Тоа е заклучокот од денешната средба на претставници на производителите на зелка, откупувачите и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и посебната советничка на премиерот за земјоделство, Ленче Николовска.

Според Трајан Милковски, претставник на ресорното министерство, тие покажале дека само со разговори и преговори може да се решаваат проблемите кои се јавуваат со откупот на градинарските производи.

– Најмногу на средбата се разговараше за тоа како да се доаѓа до цени, односно една цена да не важи кога се зема амбалажа, а друга кога се предава производството. Двете страни се договорија преку нивните групи тоа да се прави пред да дојде до пад на цената и доколку дојде до паѓање на цените да се знаат причините. Но, секако треба да се почитуваат и побарувањата од пазарите и квалитетот каков треба да биде на зелката. Очекуваме дека оваа пракса ќе продолжи и за останатите култури – рече претставникот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостапанство, Трајан Милковски.

И претставникот на земјоделците, Кире Најденов смета дека преку вакви преговори може да се надминат проблемите со откупните цени.

– Се надевам дека ќе се почитува договорот и дека ќе се придржуваме кон него. Засега откупната цена останува на 25 денари за килограм пролетна зелка и доколку има интенција таа да се намали повторно ќе разговараме. Од друга страна ќе ги почитуваме барањата на трговците за предавање на квалитетни производи – рече Кире Најденов, претставник на производителите на пролетна зелка.

Незадоволните производители вчера почнаа протест поради намалувањето на откупната цена од 30 на 25 денари, а синоќа блокираа и еден откупен пункт во селото Муртино.