Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поради зголемената побарувачка за нафта, голем број светски економисти укажуваат дека цената на нафтата на почетокот на следното лето би можела да достигне до 120 долари за барел. Домашните економисти укажуваат дека растот на енергентите би можел значително да ги влоши условите за водење бизнис за македонските компании

Деновиве цените на нафтата на светските берзи повторно се во нагорна линија. На почетокот на неделава тие достигнаа и до 84 долари за барел. Светските медиуми објавуваат дека на лондонската берза цената за барел на почетокот на неделава достигна 84,05 долари, додека на американската берза цената на барелот се продаваше за 82,75 долари. Неодамна американската инвестициска банка Џи-пи Морган Чејз процени дека по минатогодишниот колапс, глобалната побарувачка на нафта во ноември речиси се вратила на нивото пред пандемијата, односно на 100 милиони барели дневно. Сепак, во согласност со најавите, водечките производители за следниот месец и првите месеци од следната година планираат да ја зголемат понудата за само 400.000 барели дневно. Поради зголемената побарувачка за нафта, голем број светски економисти укажуваат дека цената на нафтата на почетокот на следното лето би можела да достигне до 120 долари за барел.
Домашните енергетски експерти укажуваат дека Македонија како земја што нема свои извори на енергија не е во можност да влијае на состојбите, особено не сега, кога побарувачката на енергентите е значително зголемена.
– Нашата држава не може да преземе ништо во случајот со енергентите, особено не сега, веќе е многу доцна. Можеби пред шест месеци ако во институциите се правеле аналитики, ќе биле преземени мерки, бидејќи веќе имаше индикации дека цените на енергентите се во постојан раст и дека има опасност да продолжат да поскапуваат. Државите што купувале гас во поголеми резерви во текот на летните месеци сега имаат гас по двојно пониски цени од сегашните. Кај нафтата е поинаква ситуацијата, иако се прават резерви, сепак и побрзо се троши тој енергент, додека кај гасот се договараат однапред количествата што се испорачуваат и може да се договори цена за цела година. За жал, сега ние како држава што нема свои извори можеме само да се молиме и да се надеваме дека нема да имаме многу лоша и студена зима, бидејќи за кој било енергент ни требаат пари, а ние немаме – укажува професорот Константин Димитров.

Тој објаснува дека иако нафтените деривати се обременети со давачки од страна на државата, не очекува дека државата би се откажала од нив во интерес на намалување на цените, бидејќи ќе се намалат приходите во државната каса.
– Точно дека кај нафтата има давачки кон државата што ја обременуваат цената на нафтените деривати во малопродажба, но не верувам дека ќе дојде до намалување на цените преку откажување на државата од акцизите или другите даночни оптоварувања, бидејќи тие пари се користат за исплаќање плати, за инвестиции во здравство, образование или, пак, други државни обврски – посочува Димитров.
Транспортерите се меѓу првите што се погодени од растот на цените на нафтените деривати и укажуваат дека секое поскапување на горивата се одразува врз нивната заработка.
– Горивото како елемент што влегува во цената на превозот како трошок зафаќа од 40 до 60 отсто, во зависност од релацијата на движење на возилата. Во услови кога имаме поголема понуда на возила отколку што има понуда на стока за превоз, порастот на цената на горивата дирекно влијае на зголемување на трошоците на превозниците, а тоа значи помала заработка, помалку расположливи средства за раст на платите на возачите и другите вработени, помалку средства за обновување или зголемување на возниот парк, но и за сопствениците што вложуваат за да имаат позитивни резултати, како и сите бизнисмени во која било дејност – објаснува Билјана Муратовска, генерална секретарка на асоцијацијата на транспортери „Макам транс“.
Цената за барел нафта на светските берзи по рестартирањето на економиите е во постојан раст, иако одредени недели се случува да има мал пад, сепак, цените на дериватите имаат нагорна линија. И покрај апелите на светските лидери за зголемување на производството на нафта за стабилизирање на цените, на последниот состанокот на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници беше одлучено да се држат до сегашниот план за зголемување на производството за 400.000 барели дневно во декември.

Со оваа одлука, ОПЕК + одби значително да го зголеми производството, иако американскиот претседател Џо Бајден повика на поголемо зголемување за да се спречи брзиот пораст на цените.
Во САД, малопродажните цени на галони бензин се блиску до 4 долари, што се смета за точка на притисок за американските возачи, па Бајден ги повика главните производители на енергија во групата Г20 на водечки развиени и економии во развој да го зголемат производството. Белата куќа, исто така, соопшти дека Вашингтон ќе го разгледа целиот опсег на алатки што му се достапни за да гарантира снабдување со енергија по пристапни цени по состанокот на ОПЕК +.
Аналитичарите укажуваат дека сега се чекаат одлуките на САД и другите земји, особено дали ќе се посегне по продажба на нафтените стратегиски резерви.
– Продажбата на резервите би ги намалила цените, но стратегиските резерви на нафта можат само да ја пополнат празнината во период на временски ограничени прекини на производството и не можат да ги решат структурните проблеми, како што се недоволното инвестирање и растот на побарувачката – укажува аналитичарот Џовани Стауново.
Неговите очекувања се во следниот период да продолжи да се покачува цената на барел нафта на лондонската берза и да достигне до 90 долари за барел.
Домашните економисти укажуваат дека растот на енергентите би можел значително да ги влоши условите за водење бизнис за македонските компании.
– Доколку не се спроведат мерки што би помогнале за контролирање на растот на цените на енергентите, не може да не дојде до пораст на цените на производите. Растот на цените на енергијата неизбежно ќе влијае врз компаниите, а во најлошо сценарио може да доведе до отпуштање работници или целосно затворање фирми. Врз цените не можеме да влијаеме, но може да се стави акцент на други мерки што би ги помогнале стопанството и населението. На одреден период државата може да се откаже од ДДВ на енергентите и на тој начин да ги намали цените – вели професорот Здравко Савески.
Тој посочува дека во иднина ќе мора да се наоѓаат мерки и начини за помало трошење на енергентите и во државните институции и во општеството, бидејќи цените постојано ќе одат во нагорна линија.