Фото: Игор Бансколиев

Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат 2,5 и 3 денари за литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.

Од вечерва на полноќ малопродажната цена на бензинот „евросупер БС-95“ се зголемува 3 денари, на 57,5 денари за литар.

Малопродажните цени на бензинот „евросупер БС-98“, „евродизелот“ (Д-Е В) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат 2,5 денара за литар и со тоа малопродажните цени ќе изнесуваат: 59,5 денари, 49,5 денари и 37,5 денари за литар.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 3,929 денари, на 23,427 денари за килограм.

„Трета недела по ред во просек како продолжува трендот на раст на цените на нафтените деривати на светските берзи. Цената на бензинот се зголеми во просек речиси 23,66 отсто, а кај дизелот зголемувањето е во просек речиси 16,74 отсто. Цената на екстра-лесното масло порасна во просек речиси 20,86 отсто, а кај мазутот се регистрира зголемување во просек речиси 19,69 отсто“, соопштија од РКЕ.

Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е понизок 0,602 отсто.