За германскиот производител на автомобили со високи перформанси – „Порше“, 2019 беше рекордна година во однос на глобалната продажба.

„Порше“, бренд кој е во сопственост на Групацијата Фолксваген, соопшти дека во 2019 година до клиентите испорачал 280.800 возила, односно 10 отсто повеќе од претходната година. Најголем скок на продажбата има во Европа, каде што биле купени 88.975 автомобили, што е 15 проценти повеќе во однос на 2018 година, пренесе Си-ен-би-си.

Сепак, најголемите пазари на „Порше“ се САД и Кина. Во САД продажбата е зголемена 7 проценти, на 61.568 возила, а во Кина продажбата е зголемена 8 отсто, на 87.752 продадени модела.

Вкупно 16.458 возила се испорачани за клиентите во Азиско-пацифичкиот, Африканскиот и Блискоисточниот Регион, што претставува зголемување од 7 проценти во однос на 2018 година.

Најсилните генератори на растот биле двата модела на спортски теренски возила – „кајен“ и „макан“. Во целиот свет во 2019 година биле испорачани 92.055 модели „кајен“, што е 29 проценти повеќе во однос на претходната година.

„Порше“ во 2020 година ќе го промовира својот ривал на „Тесла“, односно автомобил со целосно електричен погон, моделот „тајкан“, чија основна верзија со четири врати во САД ќе чини 103.800 долари.