Фото: Игор Бансколиев

Во насока на подобрување на состојбите во железницата, како во поглед на враќање на превозот на стока со овој тип превоз, така и за превоз на патници со железницата, според упатените, е неопходен мултилатерален пристап кон ова прашање

Во последниот извештај на Државниот завод за статистика, во четвртото тримесечје од 2019 година во споредба со истиот квартал од 2018 година количеството на превезена стока во товарниот железнички превоз е зголемено за 50 проценти. Во истиот период, од ДЗС наведуваат дека има пораст на товарниот патен превоз за 19,3 отсто, а во воздухопловниот е намалено за 10,1 процент.
Со промена на националната стратегија и истакнување на важноста на еколошките придобивки од користењето на железницата, како и со промена во ценовните пристапи, овој вид транспорт може да го зголеми опфатот и на стока и на патници. Во изминативе години, железницата во континуитет ги губеше и патниците и количествата превезена стока, што беше резултат на повеќе фактори.

Извештајот за раст на превозот делумно се должи на растот на превезената стока со железницата, а како што посочуваат претставниците на железничките компании, раст на превезена стока има и од југ кон север и обратно.
– Расте транзитот на стока низ земјата и тоа во двата правца. Сепак, поголем раст има на стока што транзитира од Грција кон северните земји, најмногу од пристаништето Пиреја кон земјите на Европската Унија. Растот, кој ДЗС го регистрира за минатата година од 50 проценти, е резултат на невообичаена ситуација. Имено, поради проблем со железничкиот мост на Црна Река, сообраќајот беше во прекин во октомври и дел од ноември 2018 година. Во тој период беше оневозможен транзитот на стока кон северниот дел, но исто така и увозот од Србија кон јужниот дел. Сепак, ако имавме нормален сообраќај во споменатиот период би забележале раст на транзитот на стока, но истиот тој би се движел околу 5 проценти – објасни Беким Лачи, советник на генералниот директор.

Тој додава дека и во следниот период очекуваат да расте превозот на стока по македонските пруги.
– Следејќи го трендот, нашите очекувања се да има понатамошен пораст на обемот на стоката, која ќе се превезува со железница и тоа со конкурентни цени на превоз. Настојуваме голем дел од стоката да се врати на превозот со железница, како и најавеното зголемување на обемот на стока од страна на нашите клиенти. Позитивните очекувања се должат и на економските политики на Владата, и во делот на промоцијата на еколошкиот транспорт на луѓето и на стоките преку железница – дополнува Лачи.

Во насока на подобрување на состојбите во железницата, како во поглед на враќање на превозот на стока со овој тип превоз, така и за превоз на патници со железницата, според упатените, е неопходен мултилатерален пристап кон ова прашање.
– Потребен е мултилатерален пристап кон ова прашање, како на пример промена на националната стратегија, особено околу еколошкиот импакт на железницата, поагресивна ценовна стратегија со примена на кост-бенефит анализа и други мерки – истакнува Лачи.

Раст на бројот на превезени лица, но и на количеството стока со железницата, може да се постигне со воспоставување побрзи и поквалитетни услуги со кои железницата ќе стане атрактивна, смета професорот од Градежниот факултет Зоран Кракутовски. Тој истакнува дека во анализа направена од Катедрата за железници при Градежниот факултет, било утврдено дека над 45 отсто од стоката што се превезува со железницата во развиените земји, во Македонија се носи со камион. Посочува дека руда, јаглен, дрва, градежни материјали, жита и разни видови масовна кабеста стока, кои во западните земји се превезуваат со возови, кај нас се транспортираат по автопатиштата.

– Во ЕУ големите транспорти се одвиваат само преку железницата. Во одлуката за избор на транспортно средство и маршрута влијае таканаречената генерална цена на транспортот, не само маршрутата. Во генералната цена влегуваат и сумата или цената на транспортот, но и времето и квалитетот на понудата. Ако имаме подолго време за транспорт, иако патот е пократок, корисниците ќе ја одберат маршрутата што ќе им даде помала генерална цена на транспортот – објаснува професорот.

Во ЕУ големите транспорти се одвиваат само преку железницата
Фото: Игор Бансколиев