Бројот на патниците кај регистрираните автобуски превозници е драстично намален поради „дивите превозници“, така што тие се принудени да ги редуцираат или укинуваат автобуските линии. Истовремено, поради работата на нелегалните превозници, државниот буџет на годишно ниво е оштетен за околу 600 милиони денари. Со овие тврдења излезе вчера асоцијацијата на превозници „Исток“, апелирајќи до надлежните институции да преземат мерки за сузбивање на нелегалниот превоз со автомобили и комбиња, што како проблем се провлекува со години.

– Претходно на дивите превозници им се одземаа возилата, но со одлука на Уставниот суд оваа мерка е укината. И покрај тоа, во законот има можност за решавање на проблемот, односно привремено одземање на возилото во траење од 30 дена и да се изрече мерка во согласност со прекршокот што го направил превозникот што не поседува ниту основна лиценца, ниту е регистриран да биде легитимен превозник – изјави Горан Трпковски, претседател на асоцијацијата „Исток“.

Од асоцијацијата истакнуваат дека ако до пред три години капацитетот на автобус со педесетина седишта бил исполнет 65 проценти, сега, според анализите на асоцијацијата, состојбата е алармантна.

Според нивните тврдења, со легитимните превозници се превезуваат само 30-40 проценти од патниците низ земјава. На нелегалната конкуренција не можат да одговорат ниту со понов возен парк, поради ограничувањата за увоз само на автобуси со еуро 4, чија набавка ги чини над 40.000 евра.

– Одредени превозници веќе ги бришат постојните линии, како „Транскоп“ – Битола, „Автоатом“ – Кочани, „Берово транс“ и други превозници, кои ако имале по дванаесетина линии, сега ги намалуваат на две-три, затоа што немаме доволно средства – рече Трпковски.

Од „Исток“ истовремено ги поздравија неодамнешните измени на Законот за превоз во патниот сообраќај, со кои на нов начин се уредува начинот на превоз на ученици, и тоа со постојните општински и меѓуопштински линии. Претходно, превозниците беа обврзани да го вршат договорниот превоз на учениците со посебни возила за таа намена.

– Со законските измени ќе има подобрувања за превозниците, кои велат дека ќе нема тендери во четири очи и ќе им се дозволи на легитимните да бидат носители на превозот. Убеден сум дека овој начин на организирање на превозот на учениците најпрвин е економски оправдан и ќе ги намали огромните трошоци што досега го оштетуваа буџетот, а наедно ќе им се овозможи поголема достапност на учениците со мрежата на одобрени линии – посочи Трпковски, забележувајќи дека ќе нема повисоки цени од реалните и ќе се намалат трошоците за превозниците.

Во „Исток“ членуваат 90 проценти од 150 автобуски превозници, кои вкупно вработуваат меѓу 700 и 1.000 лица.

Како посебен проблем од асоцијацијата го истакнуваат и одливот на возачите во странство, кои по обуките, за што во одреден период имаше субвенции од Агенцијата за вработување, заминуваат во странство.

Како една од мерките за поддршка на автобускиот превоз предлагаат државата за студентите, освен за железнички превоз, да дава субвенции и за автобуски. Тоа би било со ваучери, со што студентот би имал избор затоа што сите делови од државата не се покриени со железнички транспорт. Е.Р.