Инсталирани се нови автоматски современи радарски контролни и мониторинг единици за управување на мерната станица во Ѓуриште. Системот е поправен и надграден, на што работеше тим од Русија.

Инсталирана е и новата верзија на софтверскот пакет, а извршена е и целосна калибрација.

– Со овие поправки, сервисирање и надградба се овозможува континуирано и квалитетно следење на облачните маси, рана прогноза и брза најава на опасни временски појави на територијата на Македонија. Земјоделците ќе можат навреме да се информираат и да се заштитат од временските непогоди – истакна министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство Љупчо Николовски кој денеска, заедно со д иректорот на УХМР Ивица Тодоровски, изврши увид на мерната станица во Ѓуриште.

Николовски истакна дека е недозволиво тоа што четири години овој радарски систем не бил во функција. На иницијатива на Општината и директорот на метеоролошката станица, МЗШВ одвои три милиони денари за санација преку Програмата за рурален развој.

Радарскиот систем за детектирање и следење облачни маси кои предизвикуваат големи временски непогоди е инсталиран во 2005 година во Љуште кај Свети Николе, а од пред четири години не беше во функција.

Според министерот, од почетокот на годината се реконструирани повеќе метеоролошки станици: во Штип, Демир Капија и Крива Паланка, а инсталирани се и агрометеоролошки станици во Градско, Кочани и Струмица.