Директорот на Национални енергетски ресурси посочува дека со приклучувањето на гасоводот во Грција ќе добиеме стабилен и сигурен пазар за снабдување во регионот, ќе се диверзифицираат изворите за снабдување, со краен ефект пониски цени за потрошувачите

Стабилност во снабдувањето со гас, нов извор на снабдување на земјата со гас и конкурентност се првично очекуваните придобивки од поврзувањето со гасоводот што доаѓа од Азербејџан. Сето ова финално ќе резултира со пониски цени што крајните потрошувачи ќе ги плаќаат за добиениот гас.

– Со изградбата на интерконекцискиот вод со Грција, ние се поврзуваме со преносниот систем на ДЕСФА. Тоа е од исклучително значење за нашата држава, бидејќи ќе можеме да се снабдиме од гасот што протекува низ тој гасовод. Тоа значи дека ќе добиеме стабилен и сигурен пазар за снабдување во регионот, се диверзифицираат нашите извори за снабдување, а тоа значи и конкурентен пазар, со краен ефект пониски цени до крајните потрошувачи – истакнува првиот човек на Националните енергетски ресурси (НЕР), Бајрам Реџепи.

Како што е познато во јавноста, со изградбата на гасоводот ТАНАП, заедно со јужнокавкаскиот гасовод и трансјадранскиот гасовод (ТАП), кои се дел од јужниот гасен коридор, до европските пазари ќе се пренесува азербејџански гас произведен во регионот Шах Дениз и во другите региони јужно од Касписко Море. Гасоводот ТАНАП, кој поминува низ Турција, ќе се надоврзе на ТАП на турско-грчката граница, кој започнува во Грција и оди кон Италија и допрва треба да биде завршен.

– Користејќи грант од Инвестициска рамка за Западен Балкан – ВБИФ, во моментов сме во фаза на подготвување на проектната документација, значи во тек е подготвување студија за влијанието врз животната средина, инфраструктурниот и основниот проект. Тоа тече според предвидената динамика и се очекува тие да бидат подготвени и одобрени до средината на наредна година, по што во текот на втората половина на наредната година ќе се објави и повикот за градба. Ние сме во интензивна и секојдневна комуникација со ДЕСФА, за да ги усогласиме сите наредни чекори во согласност со регулативите на ЕУ, бидејќи овој проект ќе се финансира дел со грант од ВБИФ, а другиот дел со кредит од Европска инвестициска банка (ЕИБ- EIB) – појаснува Бајрами.

Неодамна владина делегација беше на отворањето на Трансанадолскиот гасовод (ТАНАП), при што беше посочено дека стратегиска определба е поврзување на државата со ТАП.
– Стратегиска определба на Владата е гасно поврзување на државата со ТАП, преку интерконективен гасовод со Република Грција, диверзификација на изворите на снабдување со гас во земјата и овозможување стабилност во снабдувањето, а со тоа и поконкурентни цени на гас за индустријата и граѓаните – посочија од Владата.
Во поглед на изградбата на главниот гасоводен систем во земјава, надлежните информираат дека тој се одвива со засилено темпо, иако почетокот на градбата доцнел.

– Оваа година имаме многу добра реализација на терен, но почетокот на градбата задоцни, поради решавањето на имотноправните работи -експопријацијата и поради тоа ќе биде потребно кратко продолжување на роковите. Но, сепак, според сегашнава динамика на реализација, очекувам дека на двете делници, до Битола и до Гостивар, градбата ќе заврши во текот на првата половина на наредната годината, по што ќе следуваат потребните испитувања во согласност со стандардите и реално се очекува двете делници да бидат оперативни пред крајот на наредната година – посочува директорот на НЕР, Бајрами.