Фото: Игор Бансколиев

Во објавениот извештај на меѓународната невладина организација „Оксфам“, чие седиште е во Најроби, пред одржувањето на виртуелните состаноци на министрите за финансии од Г20, ММФ и Светската банка, беа направени процени за влијанието на кризата врз светската сиромаштија поради намалување на домашните приходи или потрошувачката.

Истражувањето, спроведено од страна на Кралскиот колеџ во Лондон и Австралискиот национален универзитет, посочува дека ќе има 20 отсто намалување на приходите како резултат на рецесијата поради ковид-19. Ова, според нивните процени, може да предизвика дополнителни 548 милиони луѓе да живеат со сума под 5,50 долари на ден, што е еден вид граница во согласност со стандардите за сиромаштија според Светската банка.

Во нивната анализа се посочува дека додека ѝ се стави крај на пандемијата, над половина од светското население од 7,8 милијарди луѓе ќе живее во сиромаштија. Околу 40 отсто од новите сиромашни граѓани, според истражувањето, ќе се наоѓаат во Источна Азија и на Пацификот, a една третина во Супсахарска Африка и Јужна Азија.