Фото: Маја Јаневска-Илиева

Резултатите од студијата покажуваат дека невработеноста на глобално ниво ќе порасне првпат речиси по една деценија

Речиси половина милијарда луѓе низ целиот свет се борат да најдат соодветно платена работа поради што се заробени во сиромаштија и високи нивоа на нееднаквост, се вели во извештајот на Организацијата на Обединети нации (ООН). Во студијата, изработена од Меѓународната организација на трудот (МОТ) на ОН, беше посочено дека над 473 милиони луѓе низ целиот свет немаат можности за вработување што ќе одговара на нивните потреби. Покрај тоа, агенцијата на ООН соопшти дека во 2020 година глобалната невработеност ќе се зголеми првпат речиси по една деценија. Појаснуваат дека поради најавените пониски стапки на економски раст низ целиот свет може да се очекува раст на невработеноста низ светот за околу 2,5 милиони луѓе, со што вкупното невработено население би пораснало над 190 милиони.

Извештајот доаѓа откако ООН минатата недела соопшти дека трговските тензии може да го намалат глобалниот раст оваа година. Со тоа ќе се оттргне вниманието од меѓународните напори што беа насочени кон справување со сиромаштијата во земјите со ниски приходи, како и од задачата за декарбонизирање на светската економија. Од 5,7 милијарди луѓе низ светот што се во група на работоспособно население, според извештајот на МОТ, погодени се околу 473 милиони луѓе низ целата планета.
– За милиони обични луѓе станува сѐ потешко да изградат подобар живот преку работата. Упорните и значителни нееднаквости и исклучоци поврзани со работата ги спречуваат луѓето да најдат пристојна работа и да си создадат подобра иднина. Ова е исклучително сериозен наод, што има длабоки и загрижувачки импликации врз социјалната кохезија – кажа Гај Рајдер, генерален директор на МОТ.

Тој исто така повика на итни мерки со кои ќе се осигури дека преку сите типови платена работа ќе обезбедат доволно средства за пристоен живот.
Од МОТ посочија дека поради недостиг од продуктивни добро платени работни места, над 630 милиони работници низ светот живееле во екстремна или умерена сиромаштија, со приходи под 3,20 долари на ден. И покрај постепениот тренд да се намали нивото на глобална сиромаштија, истакнуваат дека на луѓето им недостига соодветен приход за да избегаат од беда.


Во Македонија, 12 отсто студенти наоѓаат работа во согласност со своите квалификации

Во Македонија има голем дисбаланс меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд, поради што упатените честопати посочуваат дека се потребни промени во образовниот систем. Потребно е балансирање на интересите на вработените и работодавците за создавање нова додадена вредност, беше посочено на вчерашниот настан „Перформансите на пазарот на трудот: меѓу очекувањата на работодавците и на барателите на работа“.
Главната извршна директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсовска Блажевски, вели дека од 100 запишани студенти, 12 ќе најдат работа што одговара на нивните квалификации.
– Мора да се подобрат информациите што ги добиваат младите кога одлучуваат што ќе студираат, да се зголеми учење преку работа и практичната компонента, и развивање на услугите на Агенцијата за вработување – рече Мојсовска Блажевски.
Таа вели дека образовниот и системот на обуки не ги даваат посакуваните ефекти, односно не креираат работна сила подготвена за пазарот на труд.
Ристо Иванов, претседател на „Креација“, здружение за бизниси и консултанти, вели дека на годишно ниво има потреба од 18.000 нови вработувања или одржување постојни работни места.
– Околу 80 отсто од вкупниот број потребни работни места годишно се за испразнети работни места, а не места создадени како резултат на раст и развој – вели Иванов.
Додава дека проблематично за пазарот за труд се и ниските примања, кои, според него, не се резултат на ниски вештини, туку на ниска продуктивност, не поради работниците, туку поради начинот на користењето на сите резултати кај работодавецот. Сето она што се губи кај други ресурси, дали станува збор за опрема или предимензионираност, како товар се префрла кај работниците.