Во согласност со последниот извештај на Агенцијата за катастар на недвижности, во вториот квартал од оваа година на пазарот на недвижности имало 5.753 стана, кои се изградени и непродадени

Веќе неколку години во Македонија има околу пет илјади новоизградени станови што стојат празни, односно непродадени. Дали претераната продукција на станови или намалениот интерес за нивно купување доведе до тоа постојано да има вишок станови на пазарот и што ќе донесе одредениот пад на цените на станбениот квадрат низ државата, се прашањата што се наметнуваат по последниот извештај на Агенцијата за катастар на недвижности.

Според извештајот на агенцијата, во вториот квартал од оваа година на пазарот на недвижности имало 5.753 стана, кои се изградени и непродадени. Притоа има раст од 413 стана повеќе од првиот квартал. Во истиот извештај, исто така, е наведено дека катастарот издал 12.091 лист за предбележување градба, што всушност е бројка на станови што се градат и кои наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности.
– Може да се констатира дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката по нови станови – пишува во извештајот на катастар, каде што исто така е наведено дека вкупниот број продадени станови, и стари и нови, во вториот квартал од 2019 година е за 1.279 помал отколку во истиот квартал лани.

Во извештајот е посочено дека цените на станбениот квадрат низ државата се во пад.
– Во второто тримесечје од оваа година, како и обично, најскап е квадратот во скопската општина Центар, каде што сумираните податоци од купопродажните договори покажуваат просечна цена од околу 1.000 евра, што е за педесетина евра помалку отколку во првите три месеци од годинава. Според висината на цената, на второ место се становите во Кисела Вода, за разлика од претходниот квартал, кога на таа позиција беа становите во Карпош. Во Кисела Вода просечната реализирана цена на квадратот во вториот квартал е 902 евра, каде што има благ пад во однос на претходниот тримесечен период. На трето место е Карпош со просечна цена на становите од близу 896 евра за квадрат, што е пад за околу 50 евра. Додека становите во Аеродром се на четвртата позиција со просечни околу 890 евра за квадратен метар – стои во соопштението.

Состојбата упатува на намалување на цените на квадратен метар во главниот град, што секако се должи и на зголемената изградба на станбен простор.
Претставниците на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија (СКМ) појаснуваат дека во 2002 година во државава биле регистрирани 698.143 стана, а од тогаш до 2018 година, според податоците на Државниот завод за статистика, биле изградени 89.094 стана.

– Во согласност со расположливите податоци во земјава има околу 787.237 стана. Анализирајќи ја станбената изградба на која отпаѓаат и најголем број издадени одобренија за градење во високоградбата, во последните десетина години, годишно се завршуваат од 5.000 до 6.000 стана. Сепак, бројот на непродадени станови изнесува 0,7 отсто од вкупниот број станови на територијата на државата – објаснуваат од Здружението на градежништвото.

Според нив, податоците покажуваат дека понудата ја задоволува побарувачката на пазарот на недвижности и истакнуваат дека не би можело да се каже дека станува збор за хиперпродукција на станови.

– Ако се земе предвид дека бројот на непродадени станови претставува незначителен процент од вкупниот број станови на територијата на државата, како и тоа дека побарувачката на станови е значително поголема од бројот на новоизградени станови на годишно ниво, при што во статистиката од продажби, покрај продажба на новоградби, големо учество има и продажбата на стари недвижности, нема хиперпродукција на станови – објаснуваат од комората.

Оттаму додаваат оти побарувачката зависи од повеќе фактори, како квалитетот, цената, локацијата на станот, но и мерките што се преземаат за поттикнување на продажбата како повластена даночна стапка од 5 проценти при првиот промет на станбени згради и станови, субвенционирање на станбените кредити и слично.
– За целосна претстава за состојбите на пазарот на недвижностите е потребен попис на населението за да се утврди бројот на домаќинства, како и да се има предвид дека бројот на непродадени станови се однесува на територијата на целата држава, додека состојбите во одделни региони се различни имајќи ја предвид развиеноста на конкретниот регион и концентрацијата на економската и деловната активност – велат од СКМ.

Упатените, пак, велат дека во последниве месеци интересот за купување станови од купувачи што доаѓаат од внатрешноста на државата е значително опаднат, поради што се има впечаток дека се намалил вкупниот интерес.

– Во последниве години во Скопје голем дел од становите ги купуваа жители од другите делови на земјата, од цела Македонија, кои најчесто плаќаа со готови пари, но сега повеќето од нив ги задоволија своите потреби и нема толку купувачи што плаќаат одеднаш. Сега повеќе се купувачи што плаќаат со кредити, а банките, мора да признаеме, се ригорозни за кредити, па процедурата за купување трае подолго – објаснува Никола Велковски, градежен експерт.

Меѓу другото, Велковски истакна дека недвижностите важат за сигурна инвестиција поради што голем број граѓани, кои имаат вишок средства, одлучуваат истите тие да ги вложат во станбен и деловен простор, што исто така придонело да има голем интерес за купување вакви објекти, но и за нивна изградба.