Фото: Маја Јаневска-Илиева

Упатените во состојбите посочуваат дека консолидацијата е прв чекор за создавање конкурентни фарми и активни земјоделски претприемачи, подготвени да се натпреваруваат на европскиот пазар

Мали и расцепкани парцели, без правилна форма, се главните карактеристики на македонските ниви. Иако земјата е еден од основните ресурси за земјоделско производство, сепак, многу мал дел земјоделци се запознаени или заинтересирани за окрупнување на своите ниви. Упатените во земјоделските политики укажуваат дека со окрупнувањето на земјиштето се создаваат поголеми површини, кои се полесни и поисплатливи за обработка и за производство на земјоделски култури. Дополнуваат дека е неопходно да се окрупнат нивите за да имаме конкурентно земјоделство, но и дека ова е процес што се одвива долги години.
– Окрупнувањето или консолидацијата на земјоделското земјиште е процес што нема да се одвива брзо, туку ќе трае доста долго, за што придонесува менталитетот на населението. Долги години се зборува за овој процес, но сепак за истиот тој да се спроведе на терен ќе бидат потребни уште долги години, пред сѐ поради менталитетот на земјоделците. Сѐ уште треба да се едуцираат земјоделците, да им се објасни што значи консолидацијата и кои се предностите од овој процес за нив како најзасегнати од работењето на нива – објаснува поранешниот професор по земјоделски науки Илија Каров.

Тој дополнува дека консолидацијата носи големи предности, а како успешен пример ја посочува Војводина, каде што имал можности да ги види придобивките од спојувањето на расцепканите парцели.
– Нивите што ќе се спојат или поврзат, ќе се обработуваат со една механизација, притоа со истата механизација може да се обработуваат многу големи површини. Во такви ситуации не мора секој земјоделец да има трактор или друга механизација, туку со една поквалитетна машина ќе се обработува многу поголема земјоделска површина. Дополнително ќе се намалат трошоците за обработка на земјиштето, ќе нема толку потреба од вртење на механизацијата и со тоа ќе се заштеди на гориво. Кога ќе се обработуваат поголеми ниви, дополнително ќе се намали времето потребно за обработка, бидејќи со современата механизација може да се направат повеќе агротехнички мерки и на тој начин се заштедува. Еден земјоделец истовремено ќе заврши повеќе процеси – објаснува Каров.
Во нашата земја, состојбата со структурата на нивите е неповолна, бидејќи повеќето се мали семејни ниви, со просечна големина од нецели два хектари, или 1,62 хектари. Речиси 80 отсто од земјоделското земјиште е со големина на парцелите под два хектари. За споредба, во развиените земји земјоделските парцели се движат околу 20, 50, па дури и 100 хектари.

Уште една карактеристика на нашите обработливи површини е што истите тие обично се оддалечени, понекогаш и повеќе од два километра, поради што земјоделците губат драгоцено време во патување, што дополнително е отежнато и поради несоодветната инфраструктура, а сето тоа го прави производството поскапо.
Со консолидацијата ќе се добијат поголеми парцели со правилна форма погодна за обработка и за производство. Секако, истото тоа бара и пристап до подобра расположлива инфраструктура. Сепак, упатените посочуваат дека процесот е многу комплексен и понекогаш трае стотици години.
– Еден позитивен пример што јас го знам е агроном во Клечовце, кој успеа да ги окрупни своите расцепкани површини, и сега, благодарение на поповолната поставеност, некогашните дваесетина трактори што ги користеше за обработка на земјата ги замени со неколку нови и современи машини, со кои побрзо и поефикасно ги обработува нивите. Значи, на овој начин се намалуваат и трошоците за обработка на земјата, трошоците за набавка на механизација, а со тоа и трошоците на државата за поддршка на разни проекти наменети за земјоделците и за подобрување на нивното производство. Со окрупнувањето наедно ќе се намали и потребата од работници, бидејќи со една современа машина може да се завршат повеќе процеси истовремено – појаснува Каров.

Тој посочува дека е многу важно идната влада, покрај процесот на консолидација, да собере стручњаци од областа што ќе изработат издржана студија, со која ќе се укаже во кои делови од земјата какво производство треба да доминира за да се постигнат максималните ефекти.
Упатените во состојбите посочуваат дека консолидацијата треба да се одвива на доброволна база и дека земјоделците мора да се запознаени со придобивките од овој процес. Истакнуваат дека консолидацијата е прв чекор за создавање конкурентни фарми и активни земјоделски претприемачи, подготвени да се натпреваруваат на европскиот пазар.
– Имаме ниви во околината на Скопје, во повеќе населени места, и се обидуваме да ги обработиме сите, но поради далечината понекогаш е тешко да постигнеме да го собереме и пласираме целиот род. Иако сме зборувале, сепак не можеме да ги поврземе нивите од причина што сите се на различни локации и немаме можности да направиме размена со сопственици на парцели што се блиску до нашите. Живееме во Драчево, каде што имаме неколку помали ниви, но нашите соседи не сакаат да ги трампаме, бидејќи она што им го нудиме им е далеку од дома – вели еден четириесетгодишен земјоделец и додава дека преговори со владини институции за ваков процес не правел.

Тој посочува дека и сега има големи парцели, но свесен дека ќе намали во патување ако подалечните ниви ги замени за поблиски направил неколку обиди за замена.
Во Македонија во тек е програма за консолидација што се спроведува на повеќе локации, и тоа Логоварди, Оптичари и Трн – општина Битола, Сколарци и Спанчево – општина Чешиново-Облешево, Лешани – општина Дебарца, Кожле – општина Петровец и Дабјани – општина Долнени. Процесот се спроведува во повеќе фази, а неодамна министерот за земјоделство беше во посета на Логоварди, каде што се спроведува втората фаза „Планирање на распределбата на земјоделското земјиште и на потребните интервенции во земјоделската инфраструктура“.

– Конкретно, ова подрачје опфаќа 393 хектари земјоделско земјиште, а е расцепкано на 769 земјишни парцели, кои се во сопственост на 397 сопственици. Просечниот број на парцели по сопственик изнесува 2,4, со просечна големина на парцела од само 0,5 хектари. Поради оваа расцепканост, голем дел парцели немаат пристап до пат, а со застарениот начин на одводнување се изложени на голем ризик од поплави. Поради овие фактори, Логоварди е меѓу првите 10 подрачја во нашата држава каде што беше почнато окрупнување или консолидација на земјиште – изјави министерот Димковски.