Фото: Игор Бансколиев

Граѓаните од денеска можат да аплицираат за субвенции за вградување уред за плин во возилата. Според огласот на Министерството за економија, граѓаните коишто од денеска ќе вградат ваков вид уред во своите возила ќе можат да аплицираат за поврат од 50 проценти од средствата за вградување плински уред, но не повеќе од 18.000 денари, односно 300 евра. За оваа мерка од буџетот на Министерството за економија се предвидени 11 милиони денари, односно пари ќе има за околу 600 граѓани.
– Оваа мерка, која произлегува од Законот за моторни возила, се однесува на две важни подрачја, а тоа се сообраќајот и екологијата и е плод на барањата на граѓаните. Таа има главна цел да се намали загадувањето на воздухот од страна на возилата. Огласот ќе трае точно 60 дена од денот на објавувањето и ќе се одвива по принципот „прв дојден, прв услужен“. Надоместок на дел од трошоците ќе се врши за само едно возило во семејство. Ова е потврда дека ние заедно се залагаме за подобра и зелена иднина преку усвојување на зелената агенда како општество и како влада – рече министерот за економија Крешник Бектеши.
Оваа мерка првпат беше спроведена во 2019 година, кога беа субвенционирани 731 граѓанин што вградија вакви уреди во своите возила. Минатата година, како резултат на пандемијата и пренамена на средствата предвидени за оваа мерка за поддршка на најпогодените граѓани и компании од ковид-кризата, оваа мерка не беше спроведена. Е.Р.