Од први јули започнува реализацијата на владината долго најавувана мерка за враќање 15 проценти од данокот на додадена вредност (ДДВ) на граѓаните. Со оваа мерка надлежните очекуваат граѓаните да станат „инспектори“ на Управата за јавни приходи (УЈП) во борбата против даночната евазија, бидејќи ќе ги бараат фискалните сметки, кои ќе бидат неопходни за поврат на ДДВ.

За тоа ќе треба да имаат најмалку 15 години, важечка лична карта или пасош и да бидат регистрирани или да се регистрираат во електронскиот систем на УЈП, да имаат своја активна трансакциска сметка и да ја симнат апликацијата „Мој ДДВ“ на нивниот мобилен телефон од веб-страницата на УЈП.

Повратот ќе се прави преку скенирање на баркодовите на фискалните сметки најдоцна во рок од 10 дена од издавањето на сметката. Ќе важи само за граѓаните и за фискални сметки до 30.000 денари, но не и за фактури и сметки со сметкопотврди. Нема да важи за сторнирани фискални сметки, а системот ќе препознава дали сметката е исправна или не, односно фиктивна компјутерска. На ранливите категории и постарите лица што не се во можност да го направат тоа ќе им помагаат мобилните екипи и мобилните даночни шалтери на УЈП и 80 волонтери. Ќе има на располагање и баркод-читачи, мобилни телефони во сите организациски единици на УЈП преку кои ќе се врши читањето и киоск-апарати, а на еден мобилен телефон ќе биде оставена можност да има повеќе профили. За парите што ќе се добијат како поврат на ДДВ граѓаните нема да плаќаат персонален данок.

Првата исплата ќе биде во декември 2019 година директно на сметките на граѓаните, а потоа на секои три месеци, односно во февруари, мај, август и ноември. Од оваа услуга на граѓаните ќе им бидат вратени најмногу 50 милиони евра годишно, а лимитот за едно лице ќе изнесува 1.800 денари квартално или најмногу 28.800 денари годишно за едно четиричлено семејство.

– Владата го изгласа законот за враќање 15 проценти од платениот ДДВ за граѓаните со што почнува реализацијата на еден од најважните проекти од изборната програма и од програмата за работа на Владата. Можноста за поврат на дел од ДДВ-то ќе биде достапна за сите граѓани што имаат наполнето 15 години и кои од 1 јули ќе ја преземат одговорноста редовно да си ги земаат фискалните сметки на продажните места, а потоа да ги скенираат на својот мобилен телефон – рече премиерот Зоран Заев.
Тој појасни дека преку проектот „Мој данок, моја заштеда“ граѓаните заедно со финансиските институции ќе остварат две главни цели од кои првата е да се вратат пари кај граѓаните, а втората да учествуваат во намалување на сивата економија и во елиминација на даночното затајување.

– Досега поврат на ДДВ остваруваа само компаниите, а сега таа придобивка ја остваруваме за сите граѓани. Заради правичност, за да не се случи повратот да оди кај богатите, поставени се лимити и нема да има можност за поврат на ДДВ од сметка над 30.000 денари – рече Заев и додаде дека дури 98 отсто од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ, а за два отсто од најбогатите ќе има лимит.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, рече дека Управата е целосно подготвена за почетокот на новата мерка и додаде дека во изминатиот период тим од УЈП заедно со Министерството за финансии интензивно и посветено работел на креирање модерен, брз, ефикасен и едноставен начин преку кој граѓаните ќе можат да го искористат своето право за поврат на ДДВ.

– По почетокот на мерката на секој граѓанин ќе му биде важно дали фискалната сметка е валидна или за производот што го купил некој му издал незаконска фискална сметка и со тоа му го скратил правото да оствари поврат на ДДВ. Апликацијата дозволува скенирање само на валидни фискални сметки, додека незаконските не ги препознава. На тој начин граѓаните ќе знаат кој им го скратил правото, ќе ни помогнат во борбата против сивата економија и ќе бидат наши партнери и еден вид инспектори – рече Лукаревска. Е.Р.