Победниците од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина од проектот „Лидер“ ќе имаат можност да ги претстават своите бизнис идеи пред регионално и меѓународно жири за време на Регионалниот бизнис натпревар што ќе се одржи во Белград на 22 овој месец.

Бизнис натпреварот е овозможен благодарение на проектот „Зајакнување на меѓународната соработка и врски во Западен Балкан преку контакт на млади претприемачи“ финансиран од Фондот за Западен Балкан, кој е основан со цел да се финансираат мали и средни претпријатија од областа на образованието, одржливиот развој и човековите права во земјите од Западен Балкан.

– Среќни сме што ги објавуваме победниците на проектот Лидер од трите регионални локации. Деветте победници – Валентина Чолиќ, Јована Станковиќ и Тамара Јевтовиќ од Србија, Олга Рајчиќ, Тодор Панев и Бојана Завкова од Македонија, како и Емина Захировиќ-Пинтариќ, Али Сајед и Срѓан Мајкиќ од Босна и Херцеговина, со нетрпение очекуваат да ги презентираат своите бизнис идеи со добивање на контиунирано менторство и поддршка и стекнување на сите потребни знаења за водење на успешен бизнис, велат организаторите од трите регионални локации CANSEE (Канадско-српска бизнис асоцијација), „Македонија 2025“ и „Рестарт“.

Вториот регионален бизнис натпревар ќе се одржи на 9 август во Сараево, а победниците ќе ги презентираат своите бизнис планови и во Македонија на 7 ноември во рамки на Самитот на Македонија 2025.