Фото: Игор Бансколиев

Речиси половина од анкетираните (48 отсто) веруваат дека со забраната за пластични ќеси и воведувањето на новата цена на биоразградливи ќе се заштити животната средина. Други, пак, додаваат дека не се проблем само ќесите

НАША АНКЕТА ЗА ЗАБРАНАТА НА ЌЕСИТЕ

Дводневната онлајн анкета на „Нова Македонија“ покажува дека повеќето граѓани ја прифаќаат одлуката за забрана на пластичните ќеси за заштита на животната средина. Граѓаните планираат испазареното да го сместуваат главно во платнени торбички, покажуваат резултатите од одговорите на повеќе од 430 граѓани што учествуваа во нашата анкета. Половина од нив сметаат дека забраната за пластични ќеси и воведувањето на новата цена на биоразградливи од 15 денари, која е во сила од вчера, ќе ја заштити животната средина.
На прашањето „Дали ќе купувате кеси од 15 денари?“, 70 отсто од нашите читатели одговориле дека нема да купуваат ќеси од продавниците или дека тоа ќе го прават понекогаш. Петтина од анкетираните велат дека и понатаму при пазарувањето ќе купат и ќеса.

Торбички наместо ќеси

Речиси половина од анкетираните (48 отсто) веруваат дека со забраната за пластични ќеси и воведувањето на новата цена на биоразградливи ќе се заштити животната средина. Вкупно 170 од 428 испитаници што одговориле на ова прашање не веруваат во тоа, додека можноста „не знам“ ја избрале 56 граѓани.
Најголем дел граѓани планираат испазареното да го сместуваат во торбички. Повеќето прецизираат и дека тоа ќе го прават во платнени торбички или ранци.
– Јас и сега користам платнени торбички, ранци, количка за пазарење. Ќеси ќе треба за зеленчук и овошје – одговара читател.
– Ќе користам торба. Може да се користи повеќекратно, т.е. додека не стане целосно неупотреблива, можеби по 10 години или повеќе – пишува друг.
– Имам количка за пазарење и еден куп торби – стои во одговор.
Оние што веруваат дека со забраната на пластичните ќеси ќе се заштити нашата околина велат оти ќе се намали количеството на пластичен отпад за чие разградување во природата треба премногу време и ќе се намали отпадот.
Ќе има помалку пластика, барем имаме шанси за некаква иднина за нашиве деца – стои во одговор.
Друг читател пишува дека сигурно ќе влијае позитивно на животната околина, не е доволно за да се каже дека ќе има голема промена, но е добар почеток.
Сега прекумерно се користат ќеси. Во сите развиени земји одамна има вакви мерки – пишува читателот.
Друг, пак, коментира дека дури и биоразградливите ќеси се штетни за средината и дека мора да почнеме да ги менуваме навиките.
– Само кога се удира по џебот на граѓаните може да има промена. Секое семејство има кубик ќеси за „не дај боже“ – стои во коментар.
– Ќесите имаат многу долг рок на траење, но ние не сме дисциплинирани да ги користиме повеќепати, па се наоѓаат сегде околу нас, летаат на сите страни. Не ги сакам ни биоразградливите, сметам дека како во САД треба бесплатно да се даваат хартиени – се вели во друг коментар.

Не се проблем само ќесите

Граѓаните што се скептични за тоа колку новата мерка ќе влијае врз животната средина пишуваат дека има многу други начини на загадување и прашање е дали може да се очекуваат мерки за нив.
Не се проблем само ќесите. Имаме еден куп пластикарија во секојдневна употреба, со неа што ќе правиме? Се почна нешто, ама тоа е многу мал чекор. Дополнително, кај нас сѐ е средено, па уште ќесиве останаа да се регулираат – стои во коментар.
Читател пишува дека ќе биде проблем што кај нас нема истрајност во спроведувањето на законите.
Ќе се направат 100 измени и дополнувања и на крајот сѐ ќе се сведе само на постоење на закон само затоа што и другите држави имаат таков – пишува тој.
Читатели се сомневаат и дека собраните пари од купување поскапи биоразградливи ќеси нема да се потрошат за вистински намени.
Во ќесите што ги купувавме по денар-два се фрлаше отпад. Сега кога ќе почне да се тресат канти по контејнери, ќе има епидемија – пишува анкетиран.
Некои граѓани сметаат дека ова е премал чекор за да се заштити околината, зашто има уште многу други пластични амбалажи во употреба.
– Треба да се почне со амбалажата на артикли. На пример во едно шише од 1,5 литар, колку најлончиња се кријат – вели граѓанин. С.Н.М.