Платежната инфраструктура во Македонија е во линија со европските и со светските трендови и стандарди и постојано се унапредува и надградува, ова беше истакнато на 11-та конференција за плаќања и пазарна инфраструктура „Време е за дигитализација“, која во организација на Народната банка на РМ и на Централната банка на Холандија се одржува во Охрид, каде што учествуваа повеќе од 120 претставници на централни банки од дваесетина држави.
– Фокусот на собирот оваа година е дигитализацијата како значајна новина што се случува во банкарскиот сектор во глобални рамки, поттикната на новите компании „Финтек“ што нудат иновативни производи и напредни технологии, а кои во основа значат мноштво услуги за сите потрошувачи со пониски трошоци – појасни гувернерката на НБРМ, Анета Ангеловска-Бежоска.

Таа додаде дека постојано ги следат најновите промени, како што е новата европска регулатива за платежни услуги што стапи во сила оваа година.
– Истата таа веќе ја имаме предвид, изработен е нацрт-закон со Министерството за финансии чие усвојување го очекуваме наскоро, со што држиме линија со најновите стандарди во индустријата – нагласи Анета Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката не очекува дека растот на нафтата на светските берзи ќе предизвика инфлаторни промени.
– За нас, како Централна банка, растот на цената на нафтата е очекуван. Во фазата на макроекономските проекции ние ги следиме сите тековни движења, очекувањата на аналитичарите, така што цената не е за изненадување, уште повеќе што по неколку години пад на цената нафтата минатата година покажа нагорен тренд – вели Ангеловска – Бежоска.

Притоа, таа истакна дека нафтата е само една од компонентите што влегуваат во инфлацискиот индекс, која нема директен значаен ефект и самите промени на нејзината цена не би требало да предизвикаат позначајни инфлаторни притисоци.
– Сепак, многу ќе зависи колку притисоците од тој ценовен ефект кај нафтата ќе се пренесе на другите производи, па оттаму евентуално да се види некој секундарен ефект. Имајќи ги предвид сите движења и очекувања со цените на нафтата, нашата проекција како централна банка за оваа година е двопроцентна инфлација што е во линија и со нашата поставена цел за одржување ниска и стабилна инфлација – вели Ангеловска-Бежоска.