Плановите за капитални инвестиции стопени во платите на административците

ПРОДОЛЖУВА СОБРАНИСКАТА РАСПРАВА ЗА БУЏЕТОТ

Расправата за ребалансот на буџетот во Собранието продолжува. Стручната јавност има поделени мислења, едни велат дека сето ова е неопходно за да се извлече економијата од криза и да се врати на патеката на раст што, според некои прогнози, ќе изнесува 4,1 отсто, наспроти оцените дека станува збор за непродуктивно трошење и предизборен поткуп во пресрет на локалните избори.
Ребалансираниот буџет е рекорден, но се поставува прашањето дали е соодветно скроен за излез од кризата.
Клучни сегменти на предложениот ребаланс се зголемување на капиталните инвестиции и продолжување на поддршката за стопанството.
Планот на Владата е годинава да потроши 4,37 милијарди евра, што е за 345 милиони евра повеќе од првичната проекција на буџетот за 2021-та. Најавите се дека ќе има повеќе пари за капитални проекти, околу 110 милиони евра, но и дополнителни средства за ковид-мерките, здравството, земјоделството, поддршка на социјалните категории граѓани.
– Со овие измени и дополнувања на буџетот за 2021 година е извршено редизајнирање на расходите, со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи, односно од иницијално планираните 9,4 отсто се зголемува на 11,3 отсто, што е повисоко ниво од просекот во последните десет години од 9,5 отсто. Порастот се должи на обезбедување средства за кредити со 0 отсто камата преку Развојната банка за најпогодените сектори од областа на туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани, приватните здравствени установи, понатаму за кредитната гарантна шема и за формирање фонд за истражување и развој – истакна министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој додаде дека се обезбедуваат дополнителни средства кај буџетските корисници за реконструкција на јавни здравствени установи, капитални инвестиции во областа на детската заштита и социјалата, во патната инфраструктура, дополнителни средства за социјални станови и зголемен износ на средства за рурален развој.
Според поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, со години се повторува истата приказна во однос на неостварување на средствата што се наменети за инвестиции, кои понатаму се пренаменуваат за тековни трошоци.
– Планираните средства за јавни инвестиции од досегашното искуство не се трошат за инвестиции, туку се пренаменуваат за плати, односно за тековни трошоци, па и сега е очекувано истото сценарио – смета Хајредини.
Наедно, тој нагласува дека наместо да се прават реформи во државната администрација, каде што вработените не ја вршат функцијата предвидена со закон, пари се трошат за исплата на плати, а тоа се непродуктивни трошења.
– Овој проблем трае со децении и не гледаме дека се планира намалување на јавната администрација, напротив, дури и се зголемува, нема намалување на расходите за платите на државните службеници, туку, напротив, се планира нивно зголемување – заклучува Хајредини.
Како што вели тој, растот на буџетот е многу поголем отколку растот на бруто-домашниот производ, но сега се влегува во поголем дефицит.
– Исто така, со децении реализацијата на капиталните инвестиции е дискутабилна, плановите во буџетот никогаш не се реализирале целосно. Искуството покажува дека јавните инвестиции се користат за да ги задоволат потребите на избирачите во одредени делови од државата, со ветување дека ќе се гради некој пат – посочува Хајредини.

Според него, иако во Собранието треба да се оправда секој денар, тоа не се гледа, ниту, пак, опозицијата го бара тоа од Владата.
– Сметам дека се оправдани парите само за во здравството, додека другите ќе видиме дополнително дали и каде ќе се искористат. Затоа се потребни смели чекори, а тоа може да го направи Владата така што ќе ја намали ставката на администрација – истакнува Хајредини.