Поради Договорот од Преспа, вниманието на меѓународната заедница е насочено кон регионот, а ова е нашата шанса, што треба да ја искористиме и заедно да се обидеме да го привлечеме интересот на инвеститорите, порача алтернативниот министер за економија и развој на Грција, Стергиос Пициорлас на почетокот на министерскиот состанок во Солун.

Тој истакна дека земјите од регионот, на светот треба да му покажат слика дека „ние не даваме тежина на конкуренцијата меѓу нас, туку на соработката“ и додаде дека во дискусијата меѓу земјите, веќе треба да се вметнат и прашањата што се однесуваат на пазарот во регионот и како да се зајакне економската соработка, соработката во трговските односи, во темите поврзани со извозот и инвестициите, јави дописничката на МИА од Атина.

– Според нашето мислење, земјите од Балканот, треба да создадат заедничка слика и да ја презентираат во светот, претендирајќи дел од светскиот пазар и на ниво на извоз и на ниво на инвестиции. Ако успееме во ова, ќе ни помогне на сите нас, напротив ако дадеме слика, како со политичките прашања во минатото, дека сега се исцрпуваме во внатрешна конкуренција, тоа ќе биде на товар на сите нас – рече Пициорлас.

Алтернативниот министер за економија и развој на Грција во оваа насока, презентираше пет идеи за економска соработка.

Првата се однесуваа на соработката на организациите од земјите за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот.

-Мислам дека во оваа област ќе треба да соработуваме, така што на меѓународните саеми во целиот свет да го презентираме нашиот регион во целост. Имаме можност, бидејќи регионот, поради Договорот од Преспа се најде на меѓународната сцена и го привлече вниманието на меѓународната заедница. Мислам дека ова е можност што може да се искористи и заеднички да вложиме напори да се привлече интересот на инвеститорите во регионот. Мислам дека ова е првиот чекор и може од утре да постои група експерти што ќе го разгледа ова – рече алтернативниот министер за економија на Грција.

Втората негова идеја е поврзување на трговските регистри на четирите земји што дополнително би помогнало во економската соработка.

Трета идеја на Пициорлас презентирана на денешниот министерски состанок е потпишување Меморандум за соработка за заштита на потрошувачите со цел да се воспостават заеднички правила на пазарите во четирите земји.

Според истата логика, алтернативниот министер за економија на Грција, смета дека треба да се воспостави соработка и меѓу централните пазари на земјите, а Грција веќе има искуство од соработката со Италија.

Последната идеја на Пициорлас се однесува на соработката за контрола на пазарите во смисла на квалитет, усогласеност, нелегална трговија и слично.

Алтернативниот министер за економија и развој на Грција смета дека овие идеи може да помогнат во дополнителен развој на економските и трговските односи меѓу земјите од регионот.