Млекопроизводството со години се бори со слаба организација и константно намалување на интересот Фото: Игор Бансколиев

Поголемиот дел од млекото во малопродажба е од увоз, поради што за да се зголеми искористеноста на домашните продукти, тие треба да се брендираат и да се промовираат на пазарот

Слабиот принос на млеко по крава, скапата сточна храна, ниската откупна цена за литар кравјо млеко, слабата организираност на фармерите се некои од причините за падот на млекопроизводството во Македонија. Оваа категорија со години се бори со слаба организација и константно намалување на интересот за одгледување на говеда и производство на млеко. Притоа мора да се напомене дека кога се зборува за млекопроизводство во земјава најчесто се мисли пред сѐ на кравјото млеко, бидејќи претежно овој вид млеко се користи за консумација како свежо. Најголем дел од другите два вида, овчото и козјото, се преработува во млечни производи како сирење, кашкавал, кисело млеко, урда и слично.

– Една од најважните причини поради кои е забележан пад на производството на кравјото млеко e затворањето на поголем број фарми во државата. Ниската годишна продукција на млеко по крава, скапата сточна храна, ниската откупна цена за литар кравјо млеко, слабата организираност на фармерите, честопати недефинирани правила при самиот откуп на млекото, се само некои од причините за падот на млекопроизводството. Честопати фармерите се соочуваат и со проблеми како недостиг од пристапен пат до фармата, немање квалитетна и лесно достапна вода, а во одредени случаи и до електрична енергија и други – истакнуваат претставниците од Стопанската комора на Македонија.

Од комората посочуваат дека поголемо производство на млеко во земјава би можело да се обезбеди, пред сѐ, со зголемување на бројот на кравите во државата, потоа со поголема посветеност на селекцијата кај постојната популација крави, но и со набавка на квалитетен, високопродуктивен, здрав и отпорен приплоден материјал во говедарството.

– Неопходно е да се посвети многу поголемо внимание на исхраната на кравите, потоа да им се даде доволно земјиште за обработка на професионалните фармери или сточари, кои се занимаваат со одгледување крави. Исто така е потребна постојана присутност на научните институции, но и на другите стручни лица од областа на сточарството на терен заради постојано укажување и советување на земјоделците, но и давање насоки на надлежните институции во кој правец треба да се одвиваат работите во иднина – велат од комората.

Во Македонија поголемиот дел од млекото во малопродажба е од увоз, поради што од комората велат дека за да се зголеми искористеноста на домашните продукти, потребни се, пред сѐ, поголема нивна заштита, брендирање како и значително поголем маркетинг и промоција на домашните производи.

Неодамна претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, оцени дека состојбата во млекопроизводството е неповолна.
– Многубројни се предизвиците со кои се соочува млечниот пазар, но убеден сум дека со помош на групацијата ќе успееме да се избориме со неповолните состојби во млекопроизводството – рече Азески и додаде дека е неопходно спроведување иницијативи за унапредување на млечната индустрија, која е еден од најважните сегменти на агроиндустрискиот комплекс.

Претставникот на Националната федерација на фармери (НФФ), Стеванче Јордановски, пак, истакна дека особено проблематичен сегмент во производството на млекото е фактот дека производната цена е поголема отколку откупната.
– Откупната цена за млекото е од 15 до 19 денари за литар, а производствената е повисока, пред сѐ поради зголемите цени на сточната храна и на горивото, но и на другите влезни трошоци во овој сегмент – посочи Јордановски.
Од НФФ, пак, додаваат дека иако ИПАРД-програмата нуди многу средства за поддршка, Македонија и натаму има мала искористеност, во голем дел поради нелегализираните фарми. Затоа од НФФ бараат продолжување на рокот за легализација на фармите и за објавување на ДУП-овите за да може да се направи легализацијата.

Од СКМ посочуваат дека во делот на говедарството, освен за млекопроизводство, потребно е многу поголемо внимание да му се посвети и на товењето телиња, бидејќи најголем дел од говедско месо на домашниот пазар (телешко, јунешко и говедско) доаѓа од увоз.

– Во однос на другите две гранки, овчарството и козарството, и тие се во значајно опаѓање, пред сѐ, поради немањето доволно работна рака, ниската рентабилност на двете гранки, проблемот со ниските откупни цени на млекото, ниските откупни цени на јагнешкото и јарешкото месо, проблемот со достапните патишта до пасиштата – појаснуваат од комората.

Затоа оттаму велат дека е неопходно сите овие проблеми да се решаваат синхронизирано за подигнување на целокупното сточарство на едно повисоко ниво.

[email protected]