Четврта сезона по ред печуркарите од кичевско-бродскиот регион ќе останат со празни џебови поради климатските промени и ниската влага во почвата. Разочарани се и откупувачите и собирачите, кои трошат огромна енергија да пронајдат печурки, кои ги има сѐ помалку.

– Поминуваме најмалку десетина километри низ планините на нашиот регион и дома се враќаме со 2-3 печурки „вргањ“. И на оние места каде што порано сме собирале и цели вреќи, годинава не собравме ниту една. Нашите планови дека ќе ги надоместиме претходните сиромашни години, сепак, за наша несреќа, нема да се остварат – вели Живко Митрески, печуркар од Кичевско, кој четири години собира од овој шумски плод, а кој сега не му ја носи планираната заработка.
Ни откупувачите не можат да бидат задоволни, бидејќи нема што да откупуваат, а со тоа не им се остваруваат ни плановите да заработат некој денар. Своевремено една од најдоходовните гранки, станува сѐ помалку исплатлива.

– Како и природата да се завери против нас, бидејќи четири години нема што и од кого да откупуваме откако целосно потфрли родот на печурките „вргањ“ и „лисичарка“. Од годинешната реколта, за десетина дена имаме откупено едвај пет килограми свеж „вргањ“, кој го плаќаме по 150 денари за килограм. Бидејќи откупените количества се мали, не планираме да ги собираме и нудиме на извозниците, туку ќе ги приготвиме како саламура за свои потреби. За големото потфрлање на печурките се пресудни два фактора, ниската почвена влага и надворешните температури. Ако наскоро ништо не се промени, ова лето ќе имаме целосно потфрлање, со нулта заработка – вели Стојко Милошески, печуркар и откупувач, кој додава дека од година на година состојбите на овој план рапидно се влошуваат.

Идентична е состојбата и во бродскиот регион, каде што секоја година се собираа огромни количества печурки, а годинава нема ни за лек.
– Ако порано можеше солидно да се заработи и живее од собирање и откуп на печурки, последните четири сезони доживеавме вистински крах, бидејќи состојбата со печурките е катастрофална. Годинава од нашиот регион немаме откупено ниту еден килограм „вргањ“ и „лисичарка“. Поради тие причини не ја одредивме ниту откупната цена. За да биде родот подобар, најпрво треба подлогата да биде топла, а потоа да има и повеќе врнежи од дожд, кои ќе ја подобрат почвената влага, но, за жал, не се случи ни едното ни другото, затоа имаме уште една екстремно сиромашна година – вели Сиљан, еден од најпознатите откупувачи на печурка во Порече.
Инаку, печуркарите од овој регион значајни средства обезбедуваат од собирање шумски плодови, кои во домашниот буџет се значајна ставка, а денес не можат да сметаат на овој извор на приходи.