Фото: Дарко Андоновски

Навиките на печалбарите од Кичевијата се менуваат, иако многумина повторно за празниците се вратија во земјава, сепак нивниот број е многу помал од претходните години

Годинава печалбарите повторно не ја изневерија традицијата за време на празниците да бидат во земјава и да ги искористат слободните денови за да се видат со своите најблиски и по десетина дена да се вратат на работа во земјата каде што се иселиле или каде што заминале на работа. Краткиот престој во земјава голем дел го искористија и за неизбежните семејни веселби како свршувачки на своите најблиски, а неколкумина печалбари направија и свадбени веселби, бидејќи не успеале ваква церемонија да реализираат во текот на летото и за време на годишниот одмор.

– Зимскиот одмор голем дел од печалбарите го користат да ја посетат земјава, да се видат со најблиските и со пријателите и заедно со нив да ја дочекаат Нова година.

Краткотрајниот престој во земјава честопати печалбарите го користеа и за свршувачки на своите најблиски, по што во текот на летото ќе следуваат и свадбените веселби. Но од година на година забележливо е намалувањето на свадбените веселби и самите се прашуваме дали печалбарите од нашиот регион почнаа повеќе да штедат или во прашање е нешто друго. Но, пред сѐ, чинам дека нашите гастарбајтери, особено младите, ги менуваат навиките и сега се порационални и наместо на свадби, парите сѐ повеќе ги трошат на туристички патувања по светот или на летувања во познати летувалишта – истакна Рефик Зенку, менаџер во еден ресторан во градот, кој додава дека гастарбајтерите од овој регион сѐ повеќе се школуваат во странство, а сѐ помалку размислуваат за правење гламурозни свадби.

Граѓаните што постојано живеат во земјава на сличен или идентичен начин ги набљудуваат промените кај печалбарите и намалениот број свадби и свршувачки.
– Од година на година во нашиот регион бројот на свадбите што ги прават печалбарите е сѐ помал и, се разбира, намалениот број свадби го условува и сѐ помалиот број свршувачки, што традиционално се случуваат за време на зимскиот одмор. Се чини дека младите ги менуваат навиките и повеќе размислуваат да инвестираат во своето образование и обезбедување сопствен покрив над главата во земјите каде што работат. Бидејќи цените на куќите и становите во високоразвиените земји каде што се отселени се доста високи, тие мора повеќе да штедат или да подигнат кредит за да го обезбедат сопствениот покрив над главата. Според мене, токму овие факти се главните причини за помалиот број свадби во лето и свршувачки во текот на зимата – додава Неби, граѓанин на Кичево од чија фамилија голем број најблиски работат во странство.

Еден од упатените граѓани од градот посочува дека освен што е намален бројот на свадби, туку свадбите се многу потивки и без голем гламур, што остава впечаток дека ги има уште помалку.