Претприемачите се многу повеќе од само креатори на работни места и даночни обврзници. Тие се учители, обучувачи, иноватори, креатори, тие се активни членови во заедницата и движечка сила во рамките на светската агенда за широка конкурентност.

Претприемачите обично не зборуваат за нивните „права“. Но, време е политичарите и службениците да бидат поактивни во тоа што нема да ги земаат нивните потреби здраво за готово и постојано да бидат централен дел од политичките процеси. Тие од владите очекуваат максимален ангажман во создавањето на претприемачки еко-систем кој треба да создаде олеснет пристап до финансирање, програми насочени кон потребите и целите на претприемачкиот развој, претприемачко образование, трансфер на знаење, истражување и развој, транспарентност на внатрешниот пазар кој ќе овозможи поттикнување на конкурентноста, пристап до претприемачката инфраструктура, како и поттикнување и поддршка на младите претприемачи на домашен терен поради стекнување соодветни услови за излез на меѓународните пазари.

Минатата година, Асоцијацијата на Eвропските трговско-индустриски комори (Еурочемберс), по повод 60-годишнината од своето постоење до институциите на Европската унија поднесе „Декларација за претприемачки права“, која содржи 12 барања кои се однесуваат на предусловите за претприемачите и бизнисите во ЕУ, со цел истите да напредуваат, просперираат, а со тоа да се овозможи задржување на општествените вредности и стандарди. Во овој документ се собрани клучните препораки за спроведување реформи и мерки кои би требало да бидат иницирани и проследени на ниво на ЕУ во текот на законодавниот мандат 2019-2024 година, а се пред се` во насока да се поттикнат стартап компаниите и да им се даде можност на милиони веќе воспоставени бизниси да растат и да се развиваат.

Најголем дел од укажувањата и препораките на Еурочемберс врзани за претприемачките права се во корелација со состојбите во македонското стопанство и мерките кои и досега ги промовирала Стопанската комора на Македонија до креаторите на економските политики. Пред се`, тука се мисли на условите за создавање на квалификуван кадар кој ќе одговара на потребите на пазарот на труд, градење на конкурентноста преку намалување на бариерите во трговијата, воведување на иновациите и унапредување на технолошкиот развој, дигитализацијата, поголема интернационализација на бизнисите…

Во насока на одбележување на денешниот ден 5 март како светски ден на претприемачите, а признавајќи ја потребата за понатамошно унапредување на заложбите на Комората како најстара и најбројна деловна асоцијација во земјата за унапредување на состојбите на конкурентноста на македонската економија и за поттикнување на претприемништвото, потребно е и натаму поинтензивно да се работи на надминување на постојните слабости во однос на:
– отстранување на бариерите за понатамошна глобализација на македонската економија;
– креирање на извозно ориентиран модел на раст;
– надминување на недостатоците со соодветно обучена работна сила;
– создавање на поволен деловен амбиент за стопанисување без пречки;
– креирање на соодветна регулаторна и финансиска рамка за водење бизнис во земјата, која ќе овозможи зголемување на стапката на „преживување“ на новооснованите компании, соодветна рамка за поддршка на растот на постојните компании, но истовремено и ќе влијае поттикнувачки на ширењето на претприемачкиот дух во земјата;
– креирање на екосистем за унапредување на иновативноста на компаниите;
– поддржување на процесот на дигитална трансформација на македонските компании и користењето дигитални технологии за да се забрза нивниот раст, како и да се иновираат процесите, производите и услугите, со цел истите да се приспособат на новите генерации на потрошувачи;
– обезбедување на достапно и сигурно снабдување со енергенси и суровини за македонските компании.

Дел од овие теми ќе се најдат сигурно и во фокусот на Вториот светски конгрес на претприемачи, кој ќе се одржи во втората половина на октомври оваа година, а на кој согласно одлуката на Меѓународниот економски форум „Перспективи“, Македонија ќе биде земја домаќин. Визијата на конгресот е да прерасне во еден од најквалитетните деловни собири кои во континуитет ќе ја претставуваат платформата на стручна расправа на претставниците на деловната и академската заедница, државните институции и граѓански организации, за улогата и придонесот на претприемништвото во глобалниот развој.

Билјана Пеева-Ѓуриќ,
в.д. извршен директор на Стопанската комора