Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за август 2020 година, и го задолжи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до вторник, 25.08.2020 година, а им препорача на деловните банки од среда, 26.08.2020 година да обезбедат пензионерите со августовските пензии да може да располагаат преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа.

Во заклучоците во врска со исплатата на пензиите за август 2020 година, им се препорачува на деловните банки преку филијалите и експозитурите на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:

Во среда, на 26.08.2020 година исплата на пензии со висина до 11.000 денари;
Во четврток, на 27.08.2020 година исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;
Во понеделник, на 31.08.2020 година исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;
Во вторник, на 01.09.2020 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари.

Владата го задолжува Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и им препорача на деловните банки да обезбедат други дополнителни редовни исплати за корисниците на пензии кои се префрлени од Еуростандард Банка АД Скопје во другите деловни банки, со цел истите да може да располагаат со августовските пензии на 07.09.2020, 14.09.2020 и 25.09.2020 година, за оние корисници на пензиите кои досега ги користеа услугите на Еуростандард Банка АД и кои до 25 август нема да успеат да отворат трансакциони сметки во другите банки.

Владата на оваа своја седница ги прифати заклучоците на Министерство за труд и социјална политика редовната исплата на паричните права од социјална заштита, заштита на децата и згрижувачките семејства за август 2020 година да се врши во 3 групи (во деновите 2-ри, 3-ти и 4-ти септември), a дополнителнa исплата ќе се врши на 11, 18 и 25 септември 2020 година, при што податоците за корисниците од Банките до Министерството за труд и социјална политика ќе бидат доставени на 7, 14 и 21 септември 2020 година.

Владата го прифати и заклучокот според кој Македонска банкарска асоцијација во соработка со деловните банки да изготви за лицата кои не се во можност физички да пристапат до банката, урнек на полномошно за отварање на трансакциска сметка и/или за поврзување на истата со социјалниот број и за користење на средства од парични права од социјална и детска заштита, кое Народната банка на РСМ и Министерството за финансии треба да потврдат дали е усогласено со релевантната законска и подзаконска регулатива.

Согласно заклучоците, Македонската Банкарска Асоцијација да достави информација за деловните банки кои имаат склучено договор со Македонска Пошта, дали овие договори се применливи за исплата на паричните права од социјална заштита, заштита на децата и згрижувачките семејства, како и да информираат кои банки планираат да склучат договор со Македонска пошта за вршење исплата на овие корисници, преку пошта со достава на средствата до нивниот дом.

На оваа своја седница Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за преземените активности во Централен регистар за промовирање на можноста физичките лица електронски да вршат регистрација на фирма преку системот за е-регистрација со користење на дигитален сертификат и степен на искористеноста на оваа можност, и му препорача на Централниот регистар на Република Македонија да продолжи со активностите за промовирање на можноста физичките лица електронски да вршат регистрација преку системот за е – регистрација, а за овие активности да го извести Министерството за финансии до крајот на декември 2020 година.

На денешната седница Владата ја усвои и Информацијата за работењето на Владиниот центар за информации за економските и други поврзани мерки донесени за справување со негативните економски и социјални последици од КОВИД–19 со известување за поплаките од граѓаните и анализа на проблемите и отворените прашања.

Следствено, Владата ги задолжи надлежните институции, Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Министерството за образование и наука и Фондот за здравствено осигурување, со цел да се утврдат решенија за остварување на правото за домашна платежна картичка од страна на секој граѓанин што ги исполнува условите, при донесување на одлуки и креирање на четвртиот пакет на економски мерки и да ги земат предвид поплаките на граѓаните и отворените прашања поврзани со имплементација на мерката за домашни платежни картички, содржани во Информацијата.

Исто така, Владата ги задолжи надлежните институции, Министерството за економија, Генералниот секретаријат на Владата, Управата за јавни приходи и Министерството за финансии да утврдат решенија за остварување на правото на ваучер за туризам од страна на секој граѓанин што ги исполнува условите, при донесување на одлуки и креирање на четвртиот пакет економски мерки да ги земе предвид поплаките на граѓаните и отворените прашања поврзани со имплементација на мерката ваучери за домашен туризам исто така содржани во Информацијата.

Владата ја разгледа и ја усвои Информација за преземени соодветни активности за надминување на дадени ситуации, предизвикани од Ковид-19 и непречена делумна реализација на Акциониот план за периодот 1 јануари – 31 декември 2020 година за поднесување барања и издавање на изготвени пасоши преку дипломатско конзуларните претставништва на Република Македонија во Берлин (вклучително и Конзуларното одделение во Бон), Минхен, Стокхолм, Копенхаген, Хаг, Брисел, Лондон, Париз, Берн, Рим, Венеција, Виена и Љубљана.

Согласно информацијата, Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги активира сите изготвени и неиздадени пасоши кои се наоѓаат во Министерството за надворечни работи, како и да ги изготви и активира патните исправи на сите поднесени барања за пасоши, реализирани од страна на мобилните екипи во дипломатско конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, до моментот на настапување на вонредната состојба предизвикана од Ковид–19 и да ги достави до Министерството за надворешни работи.

Владата го задолжи МНР, доставените изготвени и активирани патни исправи, по дипломатски пат, да ги проследи во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, а службените лице во дипломатско конзуларните претставништва на земјава во Берлин (вклучително и Конзуларното одделение во Бон), Минхен, Стокхолм, Копенхаген, Хаг, Брисел, Лондон, Париз, Берн, Рим, Венеција, Виена и Љубљана, врз основа на приложен документ со слика за лична идентификација, да ги издадат изготвените и активирани пасоши на подносителите на барањето за патна исправа.