Треба да разбереме дека оваа земја може да опстане само ако наша стратешка цел биде инвестирањето во младите луѓе кои мораат, повторувам, едноставно морааат, првата шанса за успех и просперитет да ја добијат тука, дома, рече претседателот Стево Пендаровски, на отворањето на годинешниот самит „Македонија 2025“.

Тој кажа дека годинешниот самит има богата програма со извонредни говорници, панел дискусии на актуелни теми, грижливо одбрани тематски сесии.

-Се радувам што во фокусот е и животната средина, односно загадувањето на воздухот со акцент на иновациите и нивното влијание врз подобрување на условите за живот. Пред неколку дена ја имав честа да ја отворам и седуманесеттата Еконова каде што се уверив во значењето и потребата од пронајдоци и изуми кои ќе помогнат во спречувањето и справувањето со загадувањето – рече Пендаровски.

Уште една тема која ќе биде во фокуст на Самитот е и дигитализацијата.

-Дигитализацијата е уште една тема која е во фокусот на годинешниот Самит и би сакал навистина да ја поздравам и оваа иницијатива затоа што и самиот сметам дека со оглед на потенцијалот кој го имаме во ИТ секторот, ова е гранка на која треба посебно да се посветиме – да ги едуцираме младите уште од мала возраст да кодираат, но и да го поддржиме ИТ секторот во целина, со цел, да даде далеку поголем придонес кон вкупниот економски развој на земјата. Треба да разбереме дека оваа земја може да опстане само ако наша стратешка цел биде инвестирањето во младите луѓе кои мораат, повторувам, едноставно морааат, првата шанса за успех и просперитет да ја добијат тука, дома – рече Пендаровски.

Како што рече претседателот, „Македонија 2025“ од самите свои почетоци пред повеќе од десет години работи на поврзување на бизнисите од земјава и странство, помага во развивање на лидерски вештини со цел да се придонесе за економскиот развој на земјата.

Заев до компаниите: Тука сме и работиме за вас, давајте иницијативи и предлози

Премиерот Зоран Заев се обрати на утринската сесија на осмото по ред издание на Самитот „Македонија 2025“ каде една од главните теми во фокус е дигитализацијата.

Заев посочи дека Владата интензивно работи на креирање на политики кои на бизнис дијаспората би ѝ го олесниле пристапот до создавање на нови работни места со цел капиталот да го донесат во својата татковина.

-Ве повикувам низ оваа иницијатива и низ секој можен канал на комуникација да ги држите живи контактите, да инвестирате во нашите граѓани, посебно во младите. Оние на кој им е најмногу потребно сега повеќе од било кога да разберат дека и во нашата татковина се може. Дојдете дома, кога ги имаме сите услови, треба да работиме заедно со вас и на младите претприемачи да им овозможиме светла иднина. Имаме пристап до пазар со над 650 милиони само во рамките на Европската Унија. Дома сме, а произведуваме за цел континент. Тоа е суштинската придобивка и на патриотизмот и на либералните економски политики. Тука сме, работиме и за вас и за нашите граѓани. Слободно давајте иницијативи – ги слушаме и имплементираме -истакна Заев во пораката до бизнис дијаспората.

Во обраќањето премиерот испрати и порака до младите дека Македонија ги затворила сите горливи прашања и нема повеќе несигурност.

-Разговарајте со поискусните, развивајте ги своите академски и лични потенцијали, само така може подобро и повеќе да постигнете. Дури и да заминете, потоа преку ваквите иницијативи вратете се назад, градете тука – додаде Заев истакнувајќи дека работа на властите е да им служат на идеите на развој на бизнисот.