Градоначалниците на Прилеп Илија Јованоски и на Битола Наташа Петровска денеска беа домаќини на стопанствениците на пелагонискиот регион кои разговараа со министрите за транспорт и врски Благој Бочварски и за економија Фатмир Битиќи, со цел да се најде решение за решавање на проблемот со патната инфраструктура во регионот, за подобар економски развој. Насушна потреба за економски развој претставуваат добрите патишта и поврзаноста, како што сметаат од Стопанските комори на Прилеп и Битола.

– По подолго време го имаме овој состанок, затоа што овој регион, втор по
големина, со 8.300 правни субјекти, регион со 220 илјади жители, кој создава 13 проценти ПДП, регион каде што произведува 65 проценти производство на тутун, 300 илјади литри млеко, што е 90 проценти од целото производство… Бројките би биле поголеми ако се реши проблемот со инфраструктурата, за поврзување со автопат – велат од Стопанската комора на Битола.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, во изјавата за новинарите посочи дека стопанствениците ги интересира Коридор 10 д, кракот од Градско, па се до
границата со соседна Грција.

-Ги надминавме сите состојби со стариот изведувач на изградба на експресниот пат делница Градско до клучка Дреново. Градежните активности ги презеде компнијата
„Штрабаг“ и тие веќе од минатиот месец се воведени во работа, и верувам со подобрување на временските услови ќе се засилат гардежните работи. Инаку, досега физичкиот прогрес изнесува 33 отсто. За втората фаза, од клучката Дреново до Фаришка клисура, ЈП за државни патишта објави нов тендер за доизградба на преостанатите 65 отсто од оваа траса. Во овој момент се врши евалуација на пристигнатите понуди. За третата фаза е проширувањето на делницата од Прилеп до мост на Ленишка Река и изградбата на трета лента од село Беловодица до Каменолом Маврово, се врши проектирање. Се очекува тоа да биде завршено до крајот на март, и потоа во мај веднаш ќе се распише тендерот за изведување на градежните работи. Во меѓувреме ќе се рехабилитира магистралниот пат Фаришка Клисура – Прилеп, практично третата лента на Плетвар. Тендерската постапка заврши, а постапката е во фаза на евалуација. Владата предвиде и изградба на автопатско решение од Прилеп до Битола. Оваа година започнуваме со изработка на идеен проект, физибилити студија, и сите социјални аспекти за подготвување на тендерска документација за градење
според условите на ФИДИК (жолта книга) во должина од 43 километри. И на крај за оваа година предвидена е рехабилитација на државниот пат од Битола до граничниот премин Меџитлија – изјави министерот Бочварски, посочувајќи дека Владата останува
фокусирана на унапредување на целата инфрастуктура за да создаде квалитетна патна
мрежа и да овозможи брз и безбеден транспорт на стока и патници.

Министерот за економија Фатмир Битиќи во изјавата посочи дека биле посветени за развој на инфраструктурата во земјата, за што планирале да се инвестираат на милјарда евра, од кои 200 милиони евра за оваа година.

– Прилеп и Битола добија највисока сума за патната инфраструктура, околу 10 проценти. Пелагонискиот регион е атрактивен за компаниите и тука ќе имаме градежен
бум. Вкупно во инфраструктурата да бидат инвестирани 300 милиони евра во следните
години – рече Битиќи, велејќи дека од Прилеп до Битола ќе има автопат за една година.

Тој изјави дека со стопанствениците ќе зборува за сите антикризни мерки, додавајќи дека се на крај подготовките за петтиот пакет мерки. Ка.М.