Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претприемачите се соочуваат со намален обем на работа, а голем дел не се во можност да се задолжуваат со нови кредити. Ова го посочи Сојузот на стопански комори на Македонија, кој ги презентира резултатите од најновото истражување за состојбата со која се соочуваат компаниите од почетокот на здравствено-економската криза предизвикана од ковид-19.

– Според големината на штетата, 49 отсто од анкетираните претпријатија одговориле дека трпат штети во нивното работењето меѓу 81 и 100 проценти, 13 отсто имале штета од 61 до 80 проценти, исто толкав дел соопштиле дека штетите им се од 41 до 60 отсто, 16 проценти посочиле дека претрпеле штета од 21 до 40 отсто, а преостанатите се изјасниле дека имале штета од 0 до 20 процени. Само 1 отсто од компаниите се изјасниле дека немаат штета во нивното работење – соопшти Благоја Грозданов, член на управниот одбор на ССК.

Во истражувањето учествувале микро, мали и средни претпријатија, кои се 99,8 проценти од вкупниот број регистрирани правни субјекти во земјата.
Тој посочил дека 40 проценти од претпријатијата кажале дека обемот на работата во март 2020 г. им е намален помеѓу 81 и 100 отсто. Кај 19 отсто од компаниите работата се намалила од 61 до 80 отсто, а 12 проценти имаат намален обем на работа од 41 и 60 отсто. Само кај 5 отсто немало намалување на обемот на работа.

Во однос на бројот на вработени, 85 проценти од претпријатијата одговориле дека сѐ уште не го намалиле бројот на вработени, но ако нема соодветни мерки 46 отсто од компаниите најавиле дека ќе го намалат бројот на вработени ако немаат средства да ги исплатат платите и трошоците.
Најголем дел од претпријатијата, односно 86 проценти сметаат дека економските мерки на Владата не се во согласност со потребите на стопанството и нема да ја исполнат целта да се преброди состојбата.

– Вкупно 65 отсто од претпријатијата немаат аплицирано за економските мерки донесени од Владата, 19 проценти аплицирале, а 16 не планираат да ги користат.
Од претпријатијата вклучени во истражувањето, 80 отсто се изјасниле дека немаат можност да ја вршат својата работа од дома, а 70 проценти се изјасниле дека не е можно да ја вршат нивната дејност на алтернативен начин, 19 отсто бараат алтернативни начини, а 11 не бараат друг начин – објасни Грозданов.

Во истражувањето се вклучени претпријатија од сите региони, 54 отсто се во скопскиот, 9 од пелагонискиот, по 7 проценти од југоисточниот, полошкиот и источниот регион, по 6 отсто од југозападниот и вардарскиот регион и 4 во североисточниот регион на Македонија. Според дејноста, претпријатијата припаѓаат на секторите угостителство, производство и преработка, сметководство и финансии, трговија, услуги, градежништво, туризам, здравство, транспорт и логистика и земјоделство.