Фото: Дарко Андоновски

Банките имаат повеќе пари на располагање, но и фактот што учеството на лошите кредити, оние што не се отплаќаат навреме, е многу ниско придонесува тие да ги намалат каматите. Сепак, клучна за падот на каматите на кредитите, според експертите, е конкуренцијата 

Нов бран намалувања на каматни стапки на најбараните кредити во Македонија обелоденија неколку банки во текот на овој месец. Ги намалуваат каматните стапки главно на хипотекарните и на потрошувачките кредити, што, според упатените, се должи и на намалувањето на каматната стапка на благајничките записи, која сега изнесува 2,25 отсто, но и на конкуренцијата во банкарскиот сектор.

– Удел во намалувањето на каматите на кредитите има и намалувањето на референтната каматна стапка која ја одредува Народна банка, но и конкуренцијата во секторот. Притоа, токму конкуренцијата има поголем удел во намалувањето на кредитните камати.

Имено, банките имаат повеќе пари кај себе, а притоа и фактот што учеството на лошите кредити, оние што не се отплаќаат навреме, се многу ниски придонесува тие да ги намалат каматите. Сепак, клучна е конкуренцијата во банкарскиот сектор, бидејќи сега има многу повеќе играчи. Не се повеќе само трите големи банки носители на новините, туку сега и помалите банки им стануваат сериозна конкуренција. Секако, ова е добро за граѓаните, бидејќи ќе добиваат повеќе услуги и пониски цени за кредитите – вели поранешниот гувернер Љубе Трпески.

Тој додава дека борбата за повеќе клиенти ги тера банките да ги намалуваат каматите, но и да нудат нешто различно.

– Очекувам и во иднина да продолжат да се намалуваат каматите, но исто така поради високата ликвидност ќе почнат банките сами да креираат проекти што ќе ги финансираат и ќе им ги нудат на клиентите, за да ги пласираат слободните средства на пазарот, за истите тие да им се вратат со профит – дополнува Трпески.
Токму конкуренцијата во секторот, но и вишокот ликвидни средства ги „принудуваат“ банките да нудат нови продукти и нови типови производи за граѓаните и за компаниите.
Анкетата за кредитна активност на 14 банки што ја направи Народната банка го најави олеснувањето на кредитните услови, поточно намалувањето на каматните стапки.
– Конкуренцијата од други банки е главен фактор што придонесува за олеснување на кредитните услови. Додека конкуренцијата од небанкарскиот сектор и од пазарното финансирање и натаму има мало влијание врз олеснувањето на кредитните услови – пишува во извештајот на НБРСМ.

Исто така е посочено дека влијанието на монетарната политика врз нивната политика за одредување каматни стапки било незначително.
Упатените во банкарското работење велат дека со намалувањето на каматата на благајничките записи, НБРСМ им испраќа сигнал на банките дека треба да пласираат повеќе пари во стопанството и кај граѓаните. Ова на некој начин е сигнал за намалување на каматите на кредитите што ги даваат банките, но сепак тие прават свои калкулации пред да одлучат какви мерки ќе преземат.

– Нашата банка води промотивна кампања за сите кредити за физички лица, со пониски каматни стапки и без трошоци за одобрување. Потрошувачките кредити започнуваат од 5,3 отсто годишно, а кај хипотекарните од 4,9 проценти годишно. Во рамките на промотивната кампања сите кредити се одобруваат без манипулативни трошоци, а кредитите со обезбедување недвижен имот се одобруваат без трошоци за процена. Наедно, воведовме осигурување на отплатата на кредитот за потрошувачките кредити, кое е единствено од овој тип на пазарот. Со него корисниците се осигуруваат од неможноста редовно да го враќаат кредитот поради престанок на работен однос, боледување или незгода – велат претставниците на една од големите банки.
Претходно и некои други банки објавија дека ги намалуваат каматните стапки и надоместоците за обработка на кредитните барања на потрошувачки, станбени и хипотекарни кредити.

– Веруваме дека со намалување на каматните стапки и надоместоци на најкористените кредитни производи ќе придонесеме за реализирање на личните инвестиции со прифатливо оптоварување на семејниот буџет – велат од банките и додаваат дека сега новиот потрошувачки кредит е со каматна стапка од 5 проценти, фиксна за првите две години, максимален износ до 1.200.000 денари, максимален рок до 120 месеци и со полиса за животно осигурување. Оттаму истакнуваат дека со вклучувањето на осигурителната полиса во производите се овозможува заштита на имотот од последица на несреќен случај, сигурност во отплатата и заштита на целото семејство.
Некои банки ги намалија каматите на кредитите уште во пролетните месеци, а експертите велат дека слични потези може да очекуваме и во следниов период.

Фото: Игор Бансколиев