Фото: Игор Бансколиев

До средината на јуни се очекува да биде пуштен патот од Неготино до Демир Капија, а кон почетокот или крајот на август обратната делница од Демир Капија до Неготино. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов изјави дека се направени 6,5 километри од вкупно 8,5-те километри од Неготино до Демир Капија, но оти на оваа делница во моментот се работи на отстранување на големо свлечиште.

– Во моментот го санираме свлечиштето на најбрз можен начин и би требало до средината на јуни да биде целосно пуштен. Во меѓувреме е затворена трасата од Демир Капија до Неготино и се рехабилитираат осум и пол километри за да може кон почетокот или кон крајот на август да биде пуштен во употреба – рече Китанов.
За патот од Скопје до Блаце, директорот Китанов посочи дека се работи на проектот и најави дека тој ќе биде тендериран и направен. Не прецизираше термин кога би почнале градежните активности.
– Патот се проектира и ќе биде тендериран и направен. Во меѓувреме Јавното претпријатие за државни патишта во својата програма ја стави и рехабилитацијата на постојниот пат – истакна Китанов.