Граѓаните во банките чуваат 4,7 милијарди евра, средства што може да се инвестираат во различни бизнис-идеи, со кои би се зголемила нивната заработка. Економистите укажуваат дека во услови на општа несигурност поради пандемијата на ковид-19, граѓаните сепак тешко се охрабруваат да инвестираат. Но има и спротивни примери, односно лицата што лани се охрабриле да вложат пари или да купат акции, токму во најголемата криза, оствариле добри капитални добивки, пред сѐ токму поради тоа што купуваа во моменти кога сите панично продаваа

КАКО ДА СЕ ПОТТИКНАТ ИНВЕСТИЦИИТЕ И ПРИХОДИТЕ ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА

Народната банка на Македонија објави дека граѓаните во банките штедат 4,7 милијарди евра. Висината на заштедените средства може да биде вистински поттик за раст на економијата, доколку би се вложиле во одредена бизнис-идеја или доколку се пренаменат за производство, наместо да „лежат“ во банка. Едно од клучните прашања е како да се стимулираат граѓаните да ги извадат овие средства и да инвестираат во бизниси, со што би се зголемила нивната заработка, а би влијаело позитивно на буџетските приходи и на севкупното општество. Економистите велат дека има мерки за стимулирање на инвестициите, но укажуваат дека кризата влијае демотивирачки врз нив.
– Можностите што им стојат на располагање на граѓаните за мултиплицирање на нивните парични средства се ограничени. Во услови на општа несигурност и неизвесност за идните севкупни случувања во земјата, граѓаните не се охрабруваат да вршат некои поинтензивни капитални инвестирања, освен купување станови. Периодичните промени што се случуваат на пазарот на капитал (берзата), проследени со неизвесност во поглед на идните можни добивки, не им даваат мотив на сигурност на граѓаните за купување позначајни износи на акции – вели професорот Томе Неновски од универзитетот „Американ колеџ“.
Неновски објаснува дека во изминатиот едногодишен период на здравствено-економска криза, граѓаните првенствено се ориентирани кон купување стоки што им се потребни за секојдневна егзистенција и се воздржуваат од позначајно купување трајни потрошни стоки.

– Најпосле, стравот од евентуалното натамошно влошување на здравствено – економската состојба во земјата, со можни последици во евентуално „бркање“ од работа или намалување на платите на дел од нив, предизвикуваат воздржување на граѓаните од значајно повлекување на дел од нивните заштеди и чување на пари за „црни“ денови. Според тоа, во услови на општа несигурност и неизвесност, граѓаните повеќе преферираат чување на нивните средства во банките и со добивање занемарлива камата, отколку да влезат во некој деловен потфат исполнет со ризици – дополнува Неновски.
Професорот појаснува дека со зголемување на средствата што граѓаните ги чуваат во банките, се зголемува нивната можност да понудат повеќе кредити за компании што се подготвени да инвестираат.
– Растечките износи на депозити на граѓаните кај банките со ниска каматна стапка создаваат можност банките да ја зголемуваат понудата на „евтини“ кредити за претпријатијата што се подготвени да влезат во разни инвестициски потфати. Но и кај нив како да преовладува стравот од неизвесноста што е присутна. А, (не)извесноста е еден од најсилните фактори што го определуваат обемот на инвестициите – прецизира Неновски.
Податоците на НБ за вкупните заштеди на граѓаните покажуваат дека најголем дел од заштедите се депонирани во трите најголеми банки во земјава. Но економистите укажуваат дека за нови инвестиции, граѓаните би размислувале доколку се наѕира крајот на кризата.

– Постојат начини како да се стимулира средствата на граѓаните што се чуваат во банките да се инвестираат, но сето тоа зависи, пред сѐ, од општата клима во економијата и во државата. Ако граѓаните немаат очекувања дека работите ќе одат на подобро, и тоа набрзо, и притоа да останат така, тогаш нема да инвестираат, дури и притоа да се користат најстимулитивните мерки. Ако граѓаните што имаат средства не очекуваат дека состојбите ќе се придвижат на подобро, а со текот на пандемијата не изгледа дека работите одат на подобро или дека ќе одат наскоро, тогаш потешко дека ќе се одлучат да вложуваат. Од друга страна, ако немаат добра бизнис-идеја, има солиден план за нејзина реализација, тогаш нема да има ефект од тие инвестиции. Кај нас луѓето прво се одлучуваат да ги чуваат парите во банка или инвестираат во станови и во земјиште. Другите видови на инвестиции, како на пример инвестиции во берзата, се на многу ниско ниво, што се должи на неинформираност, незнаење, но и недоверба кај граѓаните во инвестирањето во акции. Не се сигурни која компанија следната година ќе заврши профитабилно за да подели дивиденда, или пак да купат евтини акции, а следната година да ги продадат скапо и на тој начин да профитираат. Ќе нагласам дека во овие услови, во услови на криза, не може да се направи многу за да се поттикнат граѓаните да инвестираат. Без спас од пандемијата не може да очекуваме раст на инвестициите или пак нивно мултиприцирање – вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов и дополнува дека излезот од кризата може да се очекува кога сите земји ќе ја сузбијат пандемијата.
Иако голем дел граѓани имаат заштеди, сепак, нивниот интерес за инвестирање во акции или други инвестициски модели е мал. Упатените велат дека ова би можело да се промени со подобра информираност.
– Се работи на полето на информирање на граѓаните за алтернативни видови на вложување, пред сѐ на берзата, за вложување во инвестициски фондови, каде што во моментов има многу подоходовни опции за вложување. Дивидендите што ги исплаќаат компаниите треба да бидат најголем мотив за вложувачите, особено имајќи предвид дека каматите на депозитите се многу ниски.

Секоја компанија чија дивиденда е повисока од банкарските депозити, нејзините акции стануваат атрактивни. Имајќи предвид дека политиките на централните банки досега беа, но и во следниот период ќе бидат во насока на зголемување на ликвидноста, што упатува на тоа дека каматите на депозитите ќе останат на ниско ниво, така што сите алтернативни вложувања што ќе остварат повисоки приходи од каматите на депозитите би требало да ги заинтересираат инвеститорите за различни вложувања – објаснува Коста Костадиновски, овластен инвестициски советник од Комисијата за хартии од вредност.
Тој објаснува дека минатата година појавата на пандемијата и реперкусиите врз економијата довеле до голем шок на пазарот со хартии од вредност, но посочува дека интересот за вложување се враќа.
– Со одминување на овој временски период, со појавата на лекови, на вакцини, начини со кои ќе бидат заштитени граѓаните од вирусот, доведе до едно релаксирање и враќање на интересот за вложување. Би истакнал дека лицата што лани се охрабрија да купат акции, токму во најголемата криза, остварија добри капитални добивки, пред сѐ токму поради тоа што купуваа во моменти кога сите панично продаваа – истакна Костадиновски.