Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според процените и секојдневните контакти со текстилните компании, кои се базирани на најавите на странските купувачи, за следниот период се очекува намалување на продажбата и до 50 отсто во однос на претходните години, а со самото тоа за исто толку ќе се намалат и нарачките од странските партнери

Како резултат на пандемијата предизвикана од ковид-19 и мерките преземени за спречување на нејзиното ширење, во светски рамки дојде до намалување на побарувачката за текстилни производи и облека, а секако сето тоа влијаеше на намалување на глобалното производство. Глобалната текстилна индустрија се надеваше дека 2021 година ќе биде многу подобра од претходната година, кога побарувачката за облека опадна за 17 отсто поради намалувањето на економските активности, но и трендот на работа од дома, со што луѓето многу помалку купуваат класична деловна облека, а ако има побарувачка, тоа е онаа гардероба за дома и за слободно време. Голем број трговци на облека низ светот посочуваат дека „се задушуваат“ во тони резерви од облека од минатата година, која во нормални околности би се распродала за време на есенските и зимските попусти. Негативниот тренд не ги поштеди ниту текстилците во Македонија.

Нарачките од странство ќе се преполоват

Од Стопанската комора на Македонија велат дека текстилната индустрија и индустријата за облека се важни сегменти на македонската преработувачка индустрија, каде што во вкупното индустриско производство на државата учествуваат со 12,82 отсто, вработуваат над 37.000 работници и опфаќаат околу 10 отсто од вкупниот извоз на земјава.
– Во изминатиот период домашните компании делумно успеаја да ги намалат негативните влијанија од кризата со коронавирусот и да го одржат бројот на вработени, каде што намалувањето на нарачките во индустријата за облека во делот на модни производи беше компензирано со преориентирање на производство на заштитни маски и друга заштитна облека за која се јави поголема побарувачка – објаснуваат од СКМ.
Оттаму додаваат дека, според процените и секојдневните контакти со текстилните компании, кои се базирани на најавите на странските купувачи, за следниот период се очекува намалување на продажбата на производите, кое би се движело помеѓу 40 и 50 отсто во однос на претходните години, а со самото тоа за исто толку ќе се намалат и нарачките од странските партнери.
– Новиот бран на ширење на коронавирусот и воведувањето строги мерки на затворање низ европските земји доведоа до дополнително намалување на продажбите на европскиот пазар, а со самото тоа и до дополнителни проблеми за македонските текстилни компании – нагласуваат од Комората.

Ќе бидат потребни повеќе од шест месеци за нормализирање

Поради мерките за заштита од пандемијата, кај најголемите трговски партнери на домашните компании и намалената потрошувачка на текстилни производи, во изминатиот период, според СКМ, евидентна е тенденцијата на намалување и откажување на налозите од странство.
– Со оглед на дополнителните актуелни затворања на европските држави, првенствено на Германија, и во следниот период се очекува откажување или намалување на обемот на нарачките, односно нарачки на помали серии. Според најавите и процените на сопствениците на компаниите, ќе бидат потребни повеќе од шест месеци за нормализирање на нарачките и производството, а тоа би значело дека наредниот период би бил период на намалена економска активност, што би имало голем негативен економски ефект во поглед на намалена профитабилност и ликвидност на компаниите – истакнуваат од СКМ.
Статистичките податоци покажуваат дека извозот на облека за 2020 година изнесувал 361,3 милион евра и тој е намален за 16,7 отсто, или поточно за 72 милиони евра, во споредба со претходната година, кога изнесувал 433,3 милиони евра.
– Самото тоа е доказ дека има и огромно намалување на производството кај текстилните компании, што доведе до голем негативен економски ефект во поглед на намалена профитабилност и ликвидност на компаниите – објаснуваат надлежните од Комората.

Какви се шансите за префрлување од лон-системот на сопствено производство

Според нив, укинувањето на царините за увоз на репроматеријали во текстилната и кожарската индустрија е реална и вистинска помош за компаниите од овие дејности.
– Придобивките од оваа одлуката се повеќекратни за македонските компании и нудат можности за реорганизирање на нивното производство, да почнат со сопствено производство и да го пласираат и на европските пазари. Со оглед на тоа дека 90 отсто од овие компании во земјава работат по лон-систем, оваа одлука многу влијае за подобра конкурентност и, што исто така е битно, на задржување на вработените – појаснуваат од СКМ.
Тие велат дека секако се неопходни и дополнителни економски и други релевантни мерки, кои ќе овозможат директна финансиска поддршка на овие трудоинтензивни индустриски сектори, поддршка за развој на конкурентноста, автоматизација и дигитализација на одредени сегменти од производствениот процес, набавка на нова опрема во согласност со промените на пазарот, за зачувување на работните места и опстојување на текстилните компании во наредниот период.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија и директор на една од текстилните компании, вели дека текстилната индустрија го трпи најголемиот удар досега и дека извозот и нарачките непрестано се намалуваат.
– Новата одлука на Владата многу ќе влијае за подобрување на состојбата на компаниите и на задржување на вработените. Не може прекуноќ да го намалиме лон-производството и да почнеме да правиме сопствени брендови, затоа одлуката многу значи за фирмите. Затоа можеме репроматеријалите што доаѓаат во Македонија да им ги префактурираме на странските купувачи и може да заработиме за логистички трошоци и за другите потреби – нагласува Димитров.
Така, според него, извозот би пораснал, компаниите би добиле некоја додадена вредност, а со тоа и поголеми шанси за опстанок.