По забавувањето на растот на економијата, која според извештајот на Европската комисија во првиот квартал од оваа година е меѓу најниските во регионот, тековно расположливите високофреквентни податоци на Народната банка за периодот април – мај упатуваат на понатамошни негативни ефекти на здравствената криза врз економската активност

Растот на БДП во првиот квартал од оваа година во Македонија е само 0,2 проценти, што, според извештајот на Европската комисија, е меѓу најниските од земјите кандидатки за членки на Европската Унија. Станува збор за извештајот според кој во првиот квартал од оваа година Србија има раст на БДП од 5, Турција од 4,5, Црна Гора од 2,7, Босна и Херцеговина од 2 проценти, додека единствено во Албанија бил регистриран пад на БДП од 2,5 отсто.
Ваквите податоци го наметнуваат прашањето на што се должи слабиот економски раст на земјава од почетокот на годината, и тоа во месеци во кои сѐ уште не беше започнато ширењето на ковид-19 и не беа спроведени мерките за негово сузбивање, како, впрочем, ниту мерките со кои државата се обидуваше да ги подобри економските перформанси и животниот стандард на граѓаните.
– Првиот квартал се однесува до 31 март, што значи дека еден дел, една третина сме ја истерале во епидемија. Но, од друга страна, и другите земји што се во оваа група во сличен период ги фати пандемијата, а сепак успеале да остварат повисок раст.

Кај нас бидејќи голем дел од празниците се во јануари и има многу неработни денови, тоа се одразува врз економските резултати. Удел во намалените перформанси имаа и намалениот обем на работа во градежништвото и сезонските работи, кои се многу поактивни во потоплите месеци. Поради овие причини, во првиот квартал секогаш ни е помал економскиот раст, но кон оваа ситуација сега придонесе и ширењето на вирусот. Сега, според мене, е многу важно прашањето што ќе се случува во вториот и во третиот квартал. Она што може да се забележи е дека и без корона-кризата, македонската економија забавуваше, а оваа криза дополнително ги влоши економските перформанси и не само што ќе предизвика пад на бројките на економски раст туку ќе има влошување и на животниот стандард на населението, а ќе растат невработеноста и сиромаштијата – посочува економистот Здравко Савески.
Тој додава дека, иако честопати се посочува дека изборите и политичката нестабилност влијаат врз економијата, сепак, изборите не се единствената причина за слабите перформанси.

– БДП во светот се зема како мерило за економскиот успех на една земја, но тоа не значи автоматски дека расте и стандардот на населението. Со раст на БДП може да расте концентрацијата на богатството и да осиромашува населението. Ние треба да видиме што конкретно расте кај БДП и да се концентрираме на економскиот перформанс што ќе овозможи пораст на животниот стандард на најголем дел од населението. Во периодот на изградбата на „Скопје 2014“ растеше БДП поради градежната офанзива, но тие пари не беа правилно искористени, без разлика што порасна БДП. На Македонија ѝ треба вложување во услови што треба да го подобрат животниот стандард, како што е здравството. Сега треба да се вложи онаму каде што ќе има најголем ефект за благосостојбата на најголем дел од населението. Во ситуација кога се очекува сериозен бран на новозаболени, ни треба вложување во здравството – истакна Савески.
Претставниците на Народна банка на Република Македонија во својот последен извештај од средбата на Комитетот за оперативната монетарна политика посочуваат дека забавувањето на економијата поради коронавирусот се чувствува и во месеците од вториот квартал.

– Општо земено, ширењето на ковид-19 во глобални рамки и во домашната економија доведе до негативни ефекти врз деловната активност и влијаеше поизразено врз довербата и очекувањата на фирмите и потрошувачите и во текот на вториот квартал. По забавувањето на растот на економијата во првиот квартал на оваа година, тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот април – мај упатуваат на понатамошни негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност (продлабочување на падот на индустриското производство и на прометот во трговијата и угостителството, а по растот во првиот квартал, пад се забележува и кај градежништвото) – се наведува во извештајот на НБРСМ.
Европската комисија во извештајот за растот на БДП во одредени земји од регионот посочува дека тој се должи на зголемените бруто-инвестиции, на државната и личната потрошувачка и на состојбата на резервите.