Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сѐ повеќе компании најавуваат дека ќе им дозволат на своите вработени да работат од дома во неопределен рок, но се споменуваат и потребите од поголема поврзаност или комуникација преку дигиталните алатки, како и замена на работниците со машини или со роботи. Сите овие промени укажуваат дека пандемијата предизвикува суштински промени во производствениот процес, промени што е неопходно што поскоро да бидат опфатени и во образованието

Пандемијата и нејзиното одолжување сѐ повеќе ја наметнуваат потребата од промени на навиките и на функционирањето на бизнис-секторот. Од почетокот на корона-кризата, заради сузбивање на ширењето на вирусот, се преземаат повеќе мерки, од кои најголем дел е насочен кон ограничено движење на луѓето и кон помала комуникација. Тоа значително влијае врз работните процеси и го забрзува процесот на дигитализација, кој, секако, беше неизбежен. Сѐ повеќе компании најавуваат дека ќе им дозволат на своите вработени да работат од дома во неопределен рок, но се споменуваат и потребите од поголема поврзаност или комуникација преку дигиталните алатки, како и замена на работниците со машини или со роботи. Сите овие промени укажуваат дека пандемијата предизвикува суштински промени во производствениот процес, промени што е неопходно што поскоро да бидат опфатени и во образованието.
– Македонската економија е свесна за потребата од дигитализација и роботизација. Веќе неколку години локални компании прават целосна дигитална трансформација со примена на роботизација на процеси и вештачка интелигенција.

Сепак, подготвеноста зависи од индустрискиот сектор и од времето на поврат на инвестицијата што потенцијално би ја вложиле во дигитализација или роботизација, а тоа е поврзано и со други фактори, како профитабилноста и трендовите во светската економија. Некои од секторите веќе ја прифаќаат новонастанатата состојба и се движат кон дигиталните трендови. Добар пример за тоа се компаниите во телекомуникацискиот сектор и ИТ-компаниите, но полека се приклучуваат и другите сектори – истакна Горан Стојановски, коосновач на „Елевејт глобал“ и член на МАСИТ-стопанска комора за ИКТ-индустријата.

Трансформација на пазарот на трудот

Светските и домашните експерти сѐ почесто укажуваат дека одолжувањето на кризата и развлекувањето на пандемијата ќе ги забрзаат процесите на дигитализација, но наедно ќе наметнат и потреба од поголема роботизација на работните места. Со оглед на слабите перформанси на македонското стопанство, споредено со европските развиени земји, новиот технолошки развој го наметнува прашањето колку нашите компани се подготвени и моќни да се приспособат на промените, како и дали тој процес ќе даде поголема продуктивност, со оглед на подобрената технолошка состојба.
– Автоматизацијата (вклучувајќи ги и дигитализацијата и роботизацијата) секогаш дава поголема продуктивност. Нејзината цел е да се заврши истата работа со помалку ресурси, или да се зголеми квалитетот на сработеното. Сепак, овие големи промени секогаш се проследени со трансформација на пазарот на трудот. Сведоци сме дека пред сто години имало работни позиции што денес не постојат.

Природно е работните позиции да еволуираат и во иднина, односно да се појават нови, кои денес не постојат. Процесите на автоматизација овозможуваат поголем потенцијал за висококвалификуваните кадри, бидејќи првите работни места што ќе бидат заменети ќе бидат оние каде што се извршуваат едноставни и повторливи задачи. Локалните компании работат на проблемот на задржување на висококвалификуваниот кадар, но некои од нив се фокусираат и на обука или трансформирање на работни профили во областите за кои има интерес. И во случај компаниите да можат сами да се справат со оваа трансформација на работните позиции, потребно е ревидирање на образовните процеси и стимулација на студентите кон професиите што ќе бидат атрактивни за десет години отсега – истакна Стојановски.

Образованието мора да обезбеди поголем квалитет

Со оглед на состојбата со ковид-19 во Македонија, но и во светот, неговото повторно ширење и очекувањата во есенските месеци уште повеќе да се шири, тешко е да се прават какви било предвидувања за идните случувања. Новиот бран што се очекува од септември не само што ќе влијае врз образовниот процес туку ќе се одрази и врз економијата, од два аспекти. Од една страна, потребата за згрижување на децата и понатаму ќе наметне потреба за отсуство од работа на голем број работници, но и образованието од далечина ќе влијае на подготвеноста на учениците да се вклучат во образовниот процес.
– Се предвидуваат различни сценарија за реализација на наставата, но што и да се случи, образованието мора да биде подготвено да обезбеди поголем квалитет во секој вид настава и во секакви услови. Тоа бара сериозна организација и планирање, а клучен фактор е добрата комуникација во рамките на целиот општествен систем, и зајакната врска и одговорност и на образованието и на стопанството.

И двете страни мора одговорно да учествуваат во процесот на приспособување кон секоја нова состојба ако се сака да се обезбедат, и во вакви нетипични услови, стручни кадри што во иднина ќе се вклучат во работните процеси. Свесни сме дека последиците од коронавирусот се чувствуваат насекаде, па ако компаниите сакаат да обезбедат кадар за во иднина, ќе треба да бидат подготвени да им излезат во пресрет на училиштата – пишува Наташа Јаневска, самостојна советничка во Стопанската комора на Македонија.
Дека пандемијата на коронавирусот и економската криза како последица од неа длабински ќе ја сменат светската економија неодамна посочи Кристин Лагард, директорка на Европската централна банка. Таа истакна дека работењето од дома ќе го смени начинот на функционирање на сите работници, а притоа нагласи дека се очекува пораст на роботизацијата во индустријата.

На долг рок промените ќе создадат подобро платени работни места

Како овие промени ќе влијаат и на домашната економија, инволвираните сметаат дека пред сѐ зависи од самата компанија и од дејноста што ја вршат.
– Директното влијание на овој процес ќе зависи од индустријата во која работат компаниите. Не е можно да се даде универзален одговор на ова прашање, но во најголем дел од современите производствени капацитети, роботизацијата ќе пополни дел од долго бараните профили на работници. Во други компании, пак, ќе ги трансформира работните позиции во позиции со повисока квалификација. Ефектите од овој процес на краток рок најверојатно ќе бидат негативни, бидејќи ќе има потреба од голема инвестиција во преквалификација поради доцнењето на едукативниот систем во однос на потребите на пазарот, но долгорочно тоа ќе значи повеќе и подобро платени работни места – појаснува Стојановски.

Министерката за финансии Нина Ангеловска пред неколку дена на дискусиите на шестдневната конференција организирана од страна на Комисијата на Обединетите нации за меѓународна трговија и право, насловена „Одговор на ковид-19 и закрепнување“, го истакна значењето на платформите за е-трговија, како и на технологијата, која понатаму ќе одигра голема улога во функционирањето во новата нормала. Рече дека македонската влада преземала активности во оваа насока, како овозможување фактура во електронски формат, електронски апликации, кои претходно биле исклучиво во хартиена форма, како и дека преку мерките се гледа фокусот кон технологиите, како што се ваучерите за кофинансирање обуки за ИТ-вештини, инструментите од Фондот за иновации за брза адаптација и целокупно преку начинот на имплементација на мерките. Во однос на е-трговијата, таа посочи дека значајно расте бројот на нови е-продавници и е-трансакции и дека само во март 2020 има отворено речиси еднаков број на е-продавници како за цела 2019 година.