Фото: Маја Јаневска-Илиева

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека има намален број патници кај сите типови превоз, како кај градскиот и меѓуградскиот автобуски превоз така и кај железничкиот и кај воздушниот

Драстично е намален бројот на патниците во меѓуградскиот и во градскиот автобуски превоз, но и во железничкиот и воздухопловниот превоз поради корона-кризата. Инволвираните укажуваат дека има благо раздвижување во текот на јули и август, но, сепак, не се сигурни како ќе се одвиваат состојбите со превозот на патници во следниов период и како ќе се одрази тоа на нивното работење. Транспортниот сектор, особено превозниците на патници се меѓу најпогодените поради корона-кризата, но, сепак, се надеваат на надминување на овој тежок период и на заживување на секторот.
– По неколку месеци во целосен карантин, секое заживување е добредојдено. По првите месеци од почнувањето на кризата кога немавме никакви активности, сега повторно работиме, но со многу помала искористеност или со помалку патници, кои според наши пресметки се речиси 40 отсто помалку од претходно. Ваквото работење не е рентабилно, но се преживува и мора да се бориме и да се надеваме на враќање во нормала штом ќе започнат и другите процеси во државава да се стабилизираат – вели Масер Омерагиќ, сопственик на компанијата „Руле турс“.

Раководителот на меѓуградската автобуска станица во Скопје, Душко Јовановски, истакнува дека иако во текот на месеците јули и август биле забележани поголемо раздвижување и поголем број на патници во споредба со претходните месеци, посочува дека на почетокот на септември бројот на патниците е многу под просекот.
– Иако првите десет дена од септември се мал период да се направи процена, сепак, генерално сега сме со 60 отсто помалку патници отколку минатата година овој период. Бројот на поаѓања на автобуските линии за меѓуградски превоз е намален за 50 отсто, додека за линиите надвор од земјава намалувањето е дури 96 проценти, во споредба со минатата година. Засега процена не можеме да правиме за состојбите, овие десетина дена не се доволни за да знаеме како ќе се одвиваат работите во иднина. Не знаеме дали ќе се подобрат состојбите со почетокот на учебната година или ќе останат исти, ќе видиме какви одлуки ќе се носат – изјави Јовановски.
Тој посочува дека и во јули и август бројот на патниците не бил како истиот период минатата година, но во споредба со периодот кога воопшто немало движење е многу подобро.

Општа е констатацијата дека состојбите во автобускиот сообраќај се загрижувачки и поради старосната структура на автобусите и можностите за нивно обновување. Дополнително автобуските превозници се соочуваат со масовната појава на нелојална конкуренција, која негативно се рефлектира врз економско-финансиското работење на превозниците. Често се забележуваат комби-превозници, а се користат и приватни автомобили, кои вршат јавен превоз на патници, но не плаќаат давачки кон државата.
– Посебен удар врз тековното работење предизвика актуелната корона-криза, која комплетно го замре автобускиот превоз на патници, пред сѐ, меѓународниот превоз, предизвикувајќи несогледливи негативни последици врз оваа стопанска дејност. Целиот линиски и слободен меѓународен превоз е во прекин, а во функција на намалување на последиците превозниците во очај преземаат низа несакани мерки за да не замрат како превозници. Во новонастаната ситуација газдите се принудени да пристапат кон привремено или трајно отпуштање на работниците и возачите, за да ги намалат трошоците во работењето, да ја одложат отплатата на достасаните кредитни обврски кон доверителите, да ја одложат и исплатата на платите на вработените и редица други несакани активности – појаснуваат претставниците на стопанските комори.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека има намален број патници кај сите типови превоз, како кај градскиот и меѓуградскиот автобуски превоз така и кај железничкиот и кај воздушниот.
Податоците покажуваат дека во вториот квартал од 2020 година со градски и со приградски превоз биле превезени 6.746 патници, додека во истиот период во 2019 година биле превезени 18.570 лица.
Кај железничкиот превоз на патници исто така има значителен пад, каде што од 147 илјади патници превезени во вториот квартал од 2019 година, оваа година во вториот квартал биле превезени само 28 илјади патници.

Ниту авионскиот превоз не може да се пофали со поголем број патници. Во овој сектор од 680.033 патници во споменатиот период минатата година, оваа година бројката на превезени патници во вториот квартал опаднала на само 2.738 патници. Воздухопловниот превоз од македонските аеродроми беше воспоставен во јули по прекинот наметнат од ширењето на пандемијата кога со одлука на техничката влада беа забранети комерцијалните летови од 18 март годинава до крајот на јуни. Државниот завод за статистика во јули 2020 година регистрирал вкупно 63.448 патници од аеродромите во Скопје и во Охрид, што е над 228.000 патници помалку во споредба со истиот месец минатата година.