Фото: Маја Јаневска-Илиева

Без да се направат напори за отворање пристојни работни места, без поддршка за најчувствителните социјални групи и без заздравување на најпогодените области на стопанството, ефектите на пандемијата би можеле да се манифестираат уште со години, и тоа со загуби на огромни човечки и стопански потенцијали и со сѐ поизразена сиромаштија и нееднаквост

Истражување на Меѓународната организација на трудот

Иако пандемијата како да „губи здив“, таа сепак силно ја разниша економијата и разорувачки влијаеше врз пазарите на трудот во светот, се констатира во годишниот извештај на Меѓународната организација на трудот, според кој, над сто милиони работници, лани, се втурнати во сиромаштија поради намалувањето на бројот на работни часови и префрлањето на послабо платени работни места. Освен тоа, до крајот на оваа година, светот ќе има уште десетици милиони работни места помалку, поради што се предвидува дека глобалната вработеност нема да се врати на претпандемиското ниво дури ни во 2023 година. Инаку, во 2019 година, последната година пред пандемијата, глобално невработени биле 187 милиони лица, а се предвидува дека во 2020 година ќе има 205 милиони невработени.
– Без да се направат напори за отворање пристојни работни места, без поддршка за најчувствителните социјални групи и без заздравување на најпогодените области на стопанството, ефектите на пандемијата би можеле да се манифестираат уште со години, и тоа со загуби на огромни човечки и стопански потенцијали и со сѐ поизразена сиромаштија и нееднаквост – предупредија од Меѓународната организација на трудот.
Упатените велат дека и покрај тоа што кај нас во 2019 година имаше тренд на намалување на сиромаштија, како резултат на промената на социјални примања и воведување гарантиран минимален приход и други сродни парични примања и со зголемување на вработените, сето тоа пропадна и во 2020 г. има зголемување на сиромаштијата на која, повторно, е изложена една четвртина од населението.

Според Деспина Туманоска, програмска координаторка во институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, ударот на кризата предизвикана од ширењето на ковид-19 е со широк опфат, но ризикот е поголем кај понискодоходните групи од населението, со оглед дека тие се почесто вработени во ранливи сектори и сектори што беа погодени од кризата (како трговијата и транспортот), почесто се приматели на социјални трансфери и друг доход што не доаѓа од труд, почесто се среќаваат во неформалната економија и почесто се приматели на дознаки од странство.
– Оттука, очекувањата за зголемување на сиромаштијата како последица на пандемијата се оправдани. Тоа го потврдуваат и нашите пресметки, според кои, стапката на релативна сиромаштија поради ковид-19 се зголемува за 1,2 процентен поен, од 22,5 отсто на 23,7 отсто, што претставува околу 25.000 лица втурнати во сиромаштија како последица на пандемијата, и елиминирање на придобивките од нејзиното намалување во последните пет-шест години – објаснува Туманоска.
Таа додава дека поголем ефект од кризата со ковид-19 се согледува преку апсолутната сиромаштија, имајќи предвид дека таму дали едно домаќинство е сиромашно или не се определува според фиксен праг на сиромаштијата.
– Поконкретно, негативниот ефект од ковид-19 врз апсолутната сиромаштија изнесува високи 5,2 процентни поени – потенцира Туманоска.
Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија, вели дека една четвртина од населението е во рамките на сиромаштија и оти загрижува фактот што најсиромашни се невработените.

– Неопходно е да се насочат мерки и акции за поттикнување на отпочнување бизнис, самовработување и вработување поврзано со инвестициски планови. Исто така, дефинитивно е потребна даночна реформа – ослободување за почнување на нов бизнис и отворање нови работни места, посебни олеснувања за земјоделството и зелени работни места – смета Бошков.
Како што вели Борче Треновски, универзитетски професор, има зголемување на невработеноста, голем дел од населението по таа основа е погодено, но има и голем дел на неформална економија.
– Има многумина од населението што работат како неформални работници, слободни работници, привремени работници, сезонски работници. Најголем дел од нив тешко може да се вклучат во социјалните сфери на заштита. Иако имаше мерки што ги опфаќаа, тешко може да стигнат до нив. И тој дел од неформалната економија е особено погоден од ковид-кризата. Тоа предизвика спирала на поголем дел од населението и сиромаштија во определена сфера – истакна Треновски.