Фото: Маја Јаневска-Илиева

Истражувањата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) покажале дека кризата ги погоди малите и средните претпријатија и предизвикува зголемување на пазарната моќ на големите и доминантни компании, што, според нив, може да ја задуши иновативноста

ИСТРАЖУВАЊЕ НА ММФ

Кризата особено ги погоди малите и средните претпријатија, предизвикувајќи огромни загуби на работни места, но истовремено предизвикува и зголемување на пазарната моќ на големите и доминантни компании, кои стануваат уште посилни, додека помалите ривали изумираат. Оваа го укажа претседателката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, заедно со други членови на фондот во една од нивните анализи за влијанието на кризата врз стопанството. Истражувањата на ММФ покажале оти прекумерната моќ на пазарот во рацете на неколку фирми може да ги задуши иновативноста и инвестициите.
– Ова може да го поткопа закрепнувањето од кризата со ковид-19 и би го блокирало подемот на многу нови фирми во време кога нивната динамика е очајно потребна – истакнуваат монетарците во својата анализа.
Во Македонија доминираат мали и средни претпријатија, при што најмногубројни се претпријатија што вработуваат од едно до девет лица, па следуваат фирмите без вработени лица. Ваквата структура на домашната економија веќе се покажа како негативна, особено за опстојување во кризни ситуации, поради фактот што малите компании немаат финансиски или стоковни резерви што ќе им помогнат да ја надминат кризата.
Домашните експерти укажуваат дека малите претпријатија се подложни на ударите на ковид-кризата, не само поради тоа што се мали, туку и поради фактот што тие се дел од секторите што се меѓу најпогодените од оваа здравствено-економска криза.
– Малите бизниси се многу важни за развојот на секоја економија. Тие беа особено погодени од пандемијата, прво затоа што голем контингент од нив е концентриран во погодените сектори: трговија, угостителство, транспорт, лични услуги, а второ затоа што тие имаат помалку т.н. бафери – да ги разбереме како акумулација на капитал и резерви – споредено со големите фирми. Затоа беше важно во текот на кризата малите фирми да бидат посебно заштитени, за која цел беа наменети неколку мерки од бескаматните кредити и еднократната помош (грантови) што ги обезбеди Владата – објаснува професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“.
Петрески појаснува дека излезот од кризата за малите фирми може да се гледа во приспособувањето на овие фирми кон новите услови на работење и создавање нови производи.

– Надминувањето на кризата за овие фирми, доколку рестрикциите продолжат, го гледам на два начина. Прво, нивно приспособување на новонастанатите околности, односно обезбедување на производите и услугите што ги создаваат во услови на пандемија, преку почитување на здравствените и безбедносните протоколи. Тоа не е лесно и е соочено со намалената потрошувачка, меѓутоа ако не се приспособат на овој начин, тогаш ризикуваат да затворат засекогаш. Второ, овие мали фирми да размислуваат за реориентација на производите и услугите и нивно иновирање. На пример, секако дека дел од тие производи и услуги може да се испорачува до дома, за што е потребно да се воведе систем за онлајн продажба. Ако се размислува во овој сегмент, тогаш фундаментот на претпријатието ќе се зајакне, што е многу важно за периодот по пандемијата, кога тие фирми ќе излезат посилни и ќе може да имаат поголем раст – појаснува Петрески.
Во анализата на ММФ, каде што покрај Георгиева се потпишани и Федерико Диез, Ромен Дувал и Даниел Шварц, се истакнува дека сега е многу важно владите да создаваат подобри услови за поттикнување на конкурентноста меѓу компаниите.
– Во многу индустрии гледаме знаци дека пазарната моќ станува вкоренета поради отсуство на конкуренти. Помислете на еден млад производител што не може да се пробие на локален пазар, бидејќи цените се намалени од големиот ривал што привремено продава под цената. Овие се пропуштени можности во однос на растот, на создавање работни места и зголемување на приходите. Нашето истражување покажува како некои фирми имаат моќ над платите на пазарите на труд, плаќајќи им на работниците помалку отколку што е гарантирано од нивната маргинална продуктивност – истакнуваат монетарците.

Од ММФ укажуваат дека надлежните треба да бидат внимателни при спојување на големите компании и да се проверуваат сите индикации за злоупотреби. Тие истакнуваат оти треба да се обезбеди конкурентност, вклучувајќи и на пазарот на трудот, каде што клаузулите за неконкуренција во договорите за вработување им отежнуваат на вработените да се преселат на подобро платени работни места.
– Креаторите на политиките треба да дејствуваат за да спречат нагло зголемување на пазарната моќ. Кризата ќе ги преобликува нашите економии преку длабоки структурни поместувања што треба да поттикнат бран млади фирми со висок раст, кои иновираат и создаваат висококвалитетни работни места. Тие заслужуваат еднакви услови за игра и фер шанса да успеат. Пошироката поддршка за политиките насочена кон малите и средните претпријатија е исто така важна. Треба да се осигури дека одржливите мали и средни претпријатија ќе имаат пристап до финансирање – истакнуваат од ММФ.