Од 11 март до 30 април годинава без работа останале 8.160 лица / Фото: Маја Јаневска-Илиева

По првичните информации за раст на невработеноста во месеците март и април како резултат на мерките за сузбивање на пандемијата, економистите укажуваат дека бројката на невработени граѓани би можела дополнително да се зголеми во овој период

Економската криза, која произлезе од мерките за сузбивање на пандемијата на ковид-19, остави без работа над осум илјади лица во земјава. Според податоците што ги објави Агенцијата за вработување, во периодот од 11 март до 30 април годинава без работа останале 8.160 лица, а во согласност со нивната евиденција, повеќето од новоневработените, или 34 отсто, се од преработувачката индустрија, 21 отсто се од трговијата на големо и од трговијата на мало и 15 проценти се од угостителството и хотелиерството. Бројката на нови лица што влегуваат во евиденцијата на невработени, според економските аналитичари, може да биде многу поголема и допрва се очекува таа да се зголемува. Еден од нив е универзитетскиот професор и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески, кој смета дека бројот на граѓаните што останале без работа е голем и очекува тој и понатаму да расте.

– Неизвесноста особено кај микро, средните, малите претпријатија, семејните бизниси од состојбата и отсуството на помош, сега и овде ги тера во таква ситуација да не знаат каква ќе биде иднината. Тоа се бизниси што работат со дневна ликвидност од дневниот пазар и според сите анализи не можат да издржат седум дена доколку се надвор од бизнис, доколку се затворени. И сега ставете се вие во таква ситуација. Ако сте во таква ситуација најприродно е дека ќе треба вработените да ги препуштите на Агенцијата за вработување затоа што таму системски, законски се згрижени – кажа Славески.
Од Агенцијата за вработување потврдија дека во текот на изминатите неполни два месеца кај нив се поднесени скоро 3.900 барања за остварување на правото на паричен надоместок во случај на невработеност, при што за 1.800 барања имало позитивна разврска. Стотина барања се одбиени, додека другите сѐ уште се обработуваат.

Наспроти тоа, првиот човек на Организација на работодавци на Македонија (ОРМ), Ангел Димитров, очекува стабилизирање на бројките, но и тој потврдува дека бројот на новоневработени лица, поточно лица што ја изгубиле работата, кореспондира и со бројот на фирми што затвориле во согласност со анкетите што ги правела организацијата.
– Бројот на лицата што останале без работа поради пандемијата кореспондира со бројот на фирмите што целосно затворија со работа. Впрочем, губењето на одредени работни места предизвикано од кризата со ковид-19 стана вообичаена појава низ целиот свет и Македонија не може да биде исклучок. Бројот на лицата што ќе останат без работа ќе биде најголем за месеците април и мај, а потоа состојбата би требало да се нормализира.

Вакви се очекувањата бидејќи првиот удар на кризата беше на средината на март, а во април и мај покрај мерките преземени за физичко дистанцирање и изолација дојдоа до израз и другите тешкотии врзани со транспортот, снабдувањето, продажбата и наплатата – објаснува Димитров.
Тој додава дека Владата презема доволен број мерки од сите три области, задржување на ликвидноста, даночни олеснувања и субвенции за исплата на платите, но притоа посочува дека висината на издвоените средства е доста скромна и тоа може да биде проблем.

– Ако износот на помошта е многу мал, тогаш работодавците полесно ќе се одлучат за затворање на дејноста и напуштање на работниците, отколку да прават усилби да се задржат вработените. Бројот на работниците што ќе останат без работа зависи од две работи, прво од системот на заштита на работничките права, а второ од висината на помошта за компаниите што ќе ја обезбеди државата. Во државите со поголема либерализација на пазарот на трудот, каде што работодавците многу лесно можат да ги отпуштат вработените бројот на невработени нагло се зголемува, а државата обезбедува социјална заштита на невработените преку исплата на надоместоци за невработени. Додека во државите каде што работничката заштита е поголема, како што е кај нас, раскинувањето на договорите за работа носи одредени обврски и дополнителни издатоци за компаниите.

Затоа во овие случаи, ако не се обезбеди доволно помош за компаниите, тогаш доаѓа до комплетно затворање на компанијата. Ова на долг рок предизвикува поголеми проблеми за економијата затоа што полесно е компанијата да продолжи со работа ако сѐ уште е активна, отколку компанијата што е во стечај или ликвидација. Но за тоа кој систем е подобар може да дискутираме по завршувањето на кризата – објаснува Димитров.
Првиот човек на Организација на работодавци, исто така, објаснува дека повеќето од иселениците што работеле во некои од развиените земји пред започнувањето на кризата, се останати во тие држави, во кои исто така преземаат мерки за заштита на економија.

– Повратници се најчесто лица што немаат сигурна работа во странство и кои имаат фамилија во Македонија. За нас, сега е најважно дали ќе се создадат услови барем еден дел од тие што се вратија да се вработат во земјата, затоа што проблемот со недостиг од квалификувана работна сила повторно ќе се врати откако состојбата ќе се нормализира во текот на четвртиот квартал од годината. Колку ќе успееме во тоа, зависи од тоа во каква кондиција ќе ги задржиме нашите компании за време на кризата – истакна претседателот на ОРМ.