Целиот занаетчиски сектор е погоден од ковид-кризата, бидејќи одредени занаетчиски дејности се соочуваат со драстичен пад на приходите затоа што природата на дејноста не им дозволува да работат како пред пандемијата, а одредени воопшто не работат

Занаетчиите чија главна дејност е кроење и шиење на текстилната облека, изработка на венчаници, фотографирање и декорирање свадби и други свечени настани, како и изработка на накит, се меѓу најпогодените од пандемијата. Поради рестриктивните мерки со кои властите се обидуваат да го сузбијат ширењето на коронавирусот, над една година се забранети свадбени и други свечености, на кои, главно, се собираа нивните потенцијални клиенти. Ваквите одлуки драстично ја намалија потрошувачката на продукти карактеристични за свадбени веселби и принудија голем број занаетчии да бараат нови дејности или да нудат нови производи за да се одржат во бизнис.
Во меѓувреме, занаетчиите повеќепати алармираа дека пандемијата значително го намали прометот и дека се соочуваат со тешкотии во одржувањето на фирмите. Тие исто така се опфатени со петтиот пакет мерки за државната помош на стопанството, но се наметнува прашањето дали таа ќе биде доволна за надминувањето на овој тежок период.
– Помошта секако дека не е доволна за да се надмине оваа криза, затоа што со тој износ занаетчиите ќе покријат трошоци за два месеца за плата и придонеси, а веќе навлегуваме кон средината на април, а помошта се однесува за месеците февруари и март. Занаетчиите се соочуваат со тековни трошоци што не трпат доцнење, и тоа струја, вода, закуп, набавка на репроматеријали за работа – вели Анета Атанасовска од Занаетчиската комора – Скопје.

Атанасовска посочува дека доцнењето на стапувањето во сила на Законот за финансиска подршка има негативни последици на голем број занаетчиски бизниси што зависат токму од таа финансиска подршка, затоа што процентот на побарувачката на занаетчиските производи и услуги е драстично опаднат.
– Во ситуација кога занаетчиите едвај опстојуваат и се наоѓаат во најтешкиот период откога е почната ковид-кризата, тие немаат ни финансиска поддршка, која беше најавена пред два месеца. Секако дека доцнењето на финансиската поддршка ќе предизвика и затворање на занаетчиски бизниси и престанок на вршење дејност – истакнува Атанасовска.
Претставничката на Занаетчиската комора објаснува дека целиот занаетчиски сектор е погоден од ковид-кризата, но дополнува дека одредени занаетчиски дејности се соочуваат со драстичен пад на приходите, затоа што природата на дејноста не им дозволува да работат како пред пандемијата. Како најтешко погодени од оваа здравствено-економска криза, Атанасовска ги издвои занаетчиите што се занимаваат со кроење и шиење, изработка на венчаници, фотографи, декоратери на свадби и настани, изработувачи на накит, фризери, козметичари и други. Таа посочува дека занаетчиите се придржуваат до мерките за работа, дезинфекција на просторот, затоа што и самите се плашат за сопственото здравје и за здравјето на клиентите, и додава дека и тие придонесуваат кон зголемување на основните трошоци за занаетчиите, затоа што претставуваат дополнителен трошок за работодавецот.
Локалните фризери исто така посочуваат дека пандемијата значително им ги намалила приходите.

– Последниве пет-шест месеци работам исклучиво на закажување, со задолжителна пауза меѓу термините од пет минути, за да се проветри дуќанот, иако тоа не се бара од нас. Дополнително, сите муштерии се со маска и јас носам маска цело време, дезинфекцијата исто така е задолжителна и по секој клиент дезинфицирам и досега за среќа вирусот ме одминува, а не сум имала поплаки ниту од муштериите. Работата во првите месеци беше сведена речиси на нула, одвај успеав да покријам трошоци за дуќанот. Потоа почнаа постепено да се враќаат муштериките, но сега правиме исклучиво тековни одржувања, нема веќе свадбени фризури, кои беа силен стимул за работа. Сега со тековните активности успевам да покријам трошоци за дуќанот и минимална плата за мене, но како е кај поголемите фризерски дуќани, кои имаат повеќе вработени, тешко е да кажам. Обично пролетните месеци заработувавме екстра, но сега нема свадби, нема матури, се надевам на скорешно надминување на ситуацијата, иако изгледите се тешки – вели Даниела Т., фризерка од скопската населба Ново Лисиче.

Некои од занаетчиите посочуваат дека воопшто не аплицираат за помош поради недостиг од информации.
– Долги години работам како шнајдерка и досега успевав да обезбедам доволно средства за цело семејство. Но од минатата година, со пандемијата, работата драстично се намали, па сега одвај преживуваме. Не дека воопшто немам работа, но корекции на разни производи во споредба со шиење нов производ е неспоредливо. Особено голем интерес имаше за свечени фустани, здолништа, но сега, бидејќи нема свадби, никој не се јавува. За помош ниту сум прашувала, ниту очекувам, но ако вака продолжи, стравувам дека ќе мора да го затворам дуќанот – вели шнајдерка од Скопје.