Фото: Дарко Андоновски

Групација за пазарите, во рамките на Стопанската комора на Македонија, алармира дека останува многу малку време до примена на Законот за трговија на зелените пазари. На крајот на годината истекува привременото одложување донесено во февруари, со кое требаше да се овозможи преоден рок во кој ќе се усогласат одредени ставови по членови од законот.

– Во отсуство на дијалог со надлежните институции, не се усогласени ставовите во однос на спорните членови од законот, ниту се исполнети обврските што произлегуваат од него во делот на носење на подзаконските акти и дефинирање на функционалноста на коморскиот систем. Ова укажува на неподготвеност за примена на Законот за трговија на зелените пазари од наредната година, во својата првична верзија како што и беше донесен – посочи Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Со стапување во сила на овој закон, според претставниците од комората, закупците на тезги би биле непотребно финансиски оптоварени во ситуација кога се соочуваат со пад од 10 до 15 проценти на прометот на зелените пазари поради понудата во супер маркетите.

– Најголем проблем е предвиденото постоење на Комората на закупци на тезги, која го обременува нивното работење со документација, и од финансиски аспект бидејќи повлекува финансиски трошоци на закупците на тезги, кои се несоодветни – истакна Михајловска Василевска.

Работењето на зелените пазари во изминатите десет години, велат од комората, е регулирано со многу закони и прописи и станува беспредметно да постои посебен закон за трговија на зелени пазари затоа што тој не регулира ништо повеќе од она што е веќе регулирано, а дополнително наметнува обврски за закупците на тезги што не се познати во регионот и пошироко.

Според комората, последното законско решение е беспредметно вклучувајќи и во делот на планираното воведување лиценци затоа што и регистрацијата што сака да се постигне и сега постои преку Управата за јавни приходи. Организаторите на пазари со постојните законски решенија се должни на месечно ниво да ја известуваат УЈП кој има закупено тезга на зелените пазари, врз основа на што се оданочуваат закупците.

– Сѐ што е предвидено да функционира во Комора на закупци на тезги сега е регулирано и можеби треба да се преформулира и да остане во државните институции, а не надвор од институциите. Финансиското оптоварување на закупците на тезги преку она што треба да го прави Комората на закупците е дополнителен трошок и може да биде причина за излегување на дел од закупците на тезги надвор од пазарите, што ќе значи намален промет на пазарите, намалени даноци и поттикнување на сивата економија и нелојална конкуренција. Во согласност со бројот на тезги, трошоците може да бидат и до два милиони евра на ниво на цела дејност, пари што ќе треба да ги платат закупците – рече Михајловска Василевска.

По предлог од група пратеници, парламентот, минатиот февруари, изгласа одложување на новиот закон, но како што велат од комората, воопшто не биле повикани на состанок или на каква било консултација.