Вкупните приходи на пазарот на електронски комуникации лани изнесувале 17.297.466.000 денари или 281,2 милион евра и бележат раст од 0,34 проценти во споредба со 2017 година, покажуваат податоците во годишниот извештај за развој на пазарот на електронски комуникации за 2018 година, што го објави Агенцијата за електронски комуникации на официјалната веб-страница.
Според извештајот, намален е бројот на активни претплатници во мобилната телефонија, а е зголемен на фиксните линии и на претплатниците со пристап до интернет со широк опсег.

Минатата година имало 1.969.109 активни претплатници во мобилната телефонија, или за 1,94 процент помалку споредено со претходната година кога биле регистрирани 2.008.008 претплатници.
На крајот на минатата година се евидентирани 427.964 претплатници на широкопојасен интернет (без претплатници преку мобилни мрежи), што е за 7,99 проценти повеќе во однос на претходната година. Кај претплатниците на пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилни мрежи (2Г/3Г/4Г) бројот на претплатници пораснал за 6,46 проценти.

За 4,47 проценти е зголемен бројот на фиксни линии во сите технологии и тие во 2018 година изнесувале 38.901 наспроти 366.529 во 2017 година.
Зголемен е и бројот на претплатници на ТВ-услуги за 2,74 проценти во 2018 во однос на 2017 година, при што се регистрирани 405.167, односно 394.376 претплатници.