Берзанските индекси на Волстрит вчера остро паднаа втор ден по ред, при што под најголем притисок беше енергетскиот сектор поради падот на цените на нафтата, а остро падна и трговскиот сектор поради слабите деловни резултати на неколку компании.

Дов Џонс падна за 551 поен или 2,21 отсто, на 24.465 поени, додека С&П 500 потона 1,82 отсто, на 2.641 поен, а Насдак индексот 1,70 отсто, на 6.908 поени.

Вчера најмногу паднаа, во просек 3,3 отсто, цените на акциите во енергетскиот сектор, што е последица на падот на цената на нафтата на американскиот пазар за повеќе од шест проценти.

Цените на нафтата се под притисок веќе седма недела затоа што инвеститорите се плашат дека забавувањето на растот на глобалната економија ќе предизвика намалување на побарувачката за енергенси и дека понудата повторно ќе биде поголема од побарувачката.

Сепак, цените на нафтата во понеделникот малку пораснаа по најавите дека Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) наскоро би можела да го намали производството за да ги поддржи цените, но нивното опоравување не траеше долго.

Во последните месец и половина цените на нафтата се намалија повеќе од 25 отсто.

Вчера остро падна и С&П индексот на трговскиот сектор, за 2,7 отсто, што е последица на послабите, отколку што се очекуваше, квартални деловни резултати на Колс (Kohl`s) и Таргет.

Цените на акциите на овие трговски синџири паднаа за повеќе од девет отсто.

Продолжи и падот на акциите на компанијата Епл, која и вчера, втор ден по ред, загуби повеќе од четири проценти од вредноста.