Откупени се околу 20 милиони килограми тутун или 80 проценти од вкупното производство на „жолтото злато“. Ова го изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, по посетата на Тутунскиот комбинат во Прилеп.

Министерот Димковски посочи дека просечната откупна цена е 222,5 денари.

– Тоа е блузу 4,3 милијарди денари, од кои 4,1 милјарда денари се исплатени. Ова е највисока откупна цена во последните години. Очекуваме до крајот на откупот да се задржи оваа откупна цена. Има уште пет-шест милиони килограми да се дооткупат.
Некои откупни пунктови, каде што е завршен откупот, се затвораат. Субвенциите годинава се за прва класа 80 денари, за втора 70, а за трета 60 денари. Над 30 проценти од откупениот тутун се во прва класа , што значи дека ќе се исплатат повеќе субвенции.

Годинава е прва откако се имплементира новиот Закон за тутун. Нема да има бели картони, со што е олеснета процедурата – рече министерот Димковски, кој подоцна го
посети и откупниот пункт во населенето место Мало Коњари.

Надлежните од Тутунскиот комбинат велат непречено се одвива откупот и во градот и во населените места.

– Имаме откупено повеќе од 80 проценти од тутунот. По празниците, по пауза од два дена, продолживме интензивно со откупот. Сите ваги работат под полна пареа. И во долненскиот регион откупот се одвива непречено – изјави Кире Станкоски, директор на Тутунскиот комбинат.

Од Државниот земјоделски инспекторат велат дека откупот се одвива непречено, а тоа го потврдуваат и од Сојузот на тутунски здруженија, од каде што посочуваат дека засега нема поплаки од тутунопроизводителите. Фокусот во производство на тутун е што големо производство во прва класа, што е во интерес и на земјоделците и на компаниите што откупуваат. Ка.М.